Ислам Абази в понеделник на 14-ти ноември ќе биде именуван за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје. За тогаш е закажана седумдесеттата седница на Советот на јавни обвинители, на чиј дневен ред е донесување на одлука за именување на Абази.
Абази доби 66 гласови од вкупно 160 обвинители кои можеа да гласаат на изборите за шеф на ОЈО ГОКК. На второ место, со 64 гласови или два гласа помалку, заврши скопскиот обвинител Ермон Незири. Вилма Русковска доби 14 и Деса Пауновска десет гласа.
Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите 160 јавни обвинители во земјава.
Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.