Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ синоќа изјави дека не треба да се прави голема драма поради ситуацијата околу забраната за прелет на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
„Додека се на сила ваквите одлуки, Црна Гора стои на страната на своите партнери и на политиката што е посветена на ЕУ, а ние се однесуваме како другите кои воведоа санкции кон Русија. Не би правел никаква драма од тоа, тоа што некој се буни и би постапил поинаку, можеме да го цениме како дел од политичкото размислување на ситуацијата, но оваа ситуација е сосема јасна“, изјавил Абазовиќ за новинарите по прославата на петгодишнината од членството на Црна Гора во НАТО.
Абазовиќ додал дека за тоа имал консултации со министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ, но појаснил дека сите министерства се обврзани да спроведуваат санкции.
„Одлуката на Црна Гора да биде дел од НАТО беше правилна, а за тоа се свесни и најголемите скептици, кога гледаат што се случува во Украина“, посочил Абазовиќ.