Абазовиќ: За да бидеме членови на европското семејство, мораме да го смениме однесувањето, начинот на размислување, да го ребрендираме Западен Балкан

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Не можеме да го промениме минатото, се што можеме да промениме е иднината. Иницијативата „Отворен Балкан“ ја гледам како помош за создавање подобра заедничка иднина, заснована на економски напредок, бизнис, поголема мобилност на граѓаните, поголеми можности за остварување соработка на сите полиња.

Ова го порача премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на отворањето на Самитот на Иницијативата „Отворен Балкан“.

Тој рече дека без разлика на името на иницијативата, секој што може да доведе до каков било напредок и помирување ќе има поддршка од Владата на Црна Гора.

„Првиот чекор е да седнеме заедно и да водиме дијалог за зголемување на нашата меѓусебна доверба. Тоа води до тоа дека не се плашиме едни од други и дека заеднички преземаме активности кои вклучуваат создавање клима на напредок во регионот. Ретрогадните политики, политиките од минатото засновани на меѓусебно непочитување и нагласување на конфликтот ги задржаа сите земји од Западен Балкан овде каде што се сега“, рече тој.

Абазовиќ рече и дека мора да се промениме, бидејќи никој нема да ни го заврши тој дел од работата.

„Никој не сака да увезува проблеми. Кога имате лидери од Западен Балкан кои одат во Брисел и разговараат еден против друг, не можејќи да најдат ниту наједноставни решенија, создаваме слика дека сме се подалеку од ЕУ. Без разлика што не сме сите формално членови на „Отворениот“ Балкан, денес седиме петмина заедно, а се надевам дека следниот пат ќе бидеме шест. Без разлика на иницијативата, местото и темата. Да седнеме и да се договориме за потребите на граѓаните. Сигурен сум дека тогаш пораката на ЕУ ќе биде многу поинаква од сега и дека оние кои сега се скептични и ги забавуваат земјите од ЗБ да направат чекор во процесот на интеграција, ќе сфатат дека грешат и дека овој дел од светот припаѓа на европското семејство. За да бидеме членови на семејството мораме да го смениме однесувањето, начинот на размислување, да го ребрендираме Западен Балкан“, рече Абазовиќ.

Слични содржини