Јас лично ја поддржувам иницијативата Отворен Балкан од проста причина што секоја иницијатива, која води кон регионален развој, за мене е прифатлива, изјави премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ.
– Тоа не е никаква замена за ЕУ, туку, напротив, тоа е средство, механизам со кои секоја држава го забрзуваат својот пат кон ЕУ, што верувам дека е крајна цел за сите, вели Абазовиќ.
Прашан дали вклучувањето на Црна Гора во Отворен Балкан би се случило наскоро, црногорскиот премиер рече дека за овие прашања ќе се разговора по изборите, бидејќи Црна Гора сега влегува во процес на парламентарни избори, кои треба да се одржат на 11 јуни.
– Можеби и не е логично во овој период да се случи, но ќе видиме какво ќе биде расположението по сè што ќе се заврши. Но, генерално е и јас изразувам позитивен став на сите регионални иницијативи. Црна Гора е во 70 регионални иницијативи, но во секој случај ние сме тука за регионална соработка, одговори Абазовиќ.