Адвокатот Миле Наумовски од Скопје поднел иницијатива до Врховниот суд на Република Македонија во која бара утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Врховниот суд на неговата официјална веб-страница објави дека до судот е доставена Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење.
Судот има рок од најмногу шест месеци да расправа по Иницијативата на адвокатот.
На 12-ти април 2016 година, Иванов донесе одлука за амнестија со која „се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Иванов одлуката ја соопшти на прес-конференција во неговата резиденција. Тврдеше дека неговата одлука е во интерес на државата.
Екс-претседателот аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. По неполни два месеци, тој ја поништи одлуката за аболиција, а по силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.
Уставниот суд во 2020 година го затвори прашањето за поништената аболиција на Иванов и го отвори патот за процесирање на судските постапки кои против повеќемина функционери ги започна СJO. Со 5 гласа „за“ и 3 „против“, судиите одлучија дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбираше дека не постои пречка да им се суди на функционерите.
Евентуален позитивен начелен став на Врховниот суд би значело легитмирање на помилувањата. Доколку се случи тоа, помилуваните функционери, на кои уште им се суди, меѓу кои и на поранешниот премиер Никола Груевски, би се спасиле од кривичен прогон.