АЦВ за инцидентот со Османи: Аеродромската служба постапила правилно, заслужуваат извинување

од Nikola Popovski
73 прегледи

Тим од инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство, предводен од директорот Драги Стојаноски, извршиле повторен увид во доказите и спровеле вонреден инспекциски надзор во ТАВ Македонија, во врска со немилиот настан во кој беше инволвирана и претседателката на Република Косово, Вјоса Османи.

Од АЦВ информираат дека при првичниот увид констатирано е дека, аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки, во склоп на своите работни обврски постапувале професионално и придржувајќи се до правилата кои се наметнати согласно имплементираната меѓународна регулативата, не дозволувајќи заобиколување на стандардите и процедурите дури и под притисок на лицата кои биле во придружба на патникот.

-Одбивање на спроведување на стандардните безбедносни проверки со истите патници согласно евиденцијата се случиле и во 2022г. и 2023г. кога безбедносни проверки се прифатени дури откако водачот на воздухопловот одбил да ги прими патниците во воздухопловот без спроведена безбедносна проверка. Доколку службениците во ТАВ Македонија постапиле различно од пропишаните правила и дозволиле пропусти и заобиколување на пропишаните процедури истите ќе се соочеле со сериозни санкции од Агенцијата за цивилно воздухопловство како тело надлежно за нивна регулација, посочуваат од АЦВ.

Со оглед на тоа што се работи за општо прифатени меѓународни стандарди, доколку било кој се сомнева во нивната веродостојност, препорачуваат истата пракса да ја примени на некој од европските меѓународни аеродроми како би можеле да се уверат во нивната примена.

-Како независно регулаторно тело би сакале да останеме надвор од политичките превирања за овој немил настан и искрено жалиме што наместо професионална разрешница на овој настан од каде би се извлекле поуки и би се преземале соодветни мерки за нивно ублажување и избегнување во иднина, сведоци сме на обиди за политичко поентирање и извртување на вистинската причина за неговото настанување. Во случајов извинување заслужуваат само аеродромските служби кои обидувајќи се доследно да ја извршуваат својата работа согласно прифатените меѓународни правила и практики, претрпеа непотребни притисоци закани и омаловажувања. Со оглед на тоа што ваквите настани не се случуваат прв пат, ние како Агенција за цивилно воздухопловство ќе направиме се што е во наша моќ ова да биде последен пат. Случувањата кои следеле подоцна, а кои се надвор од безбедносната зона ги оставаме на разрешување на другите институции со оглед на тоа што истите излегуваат од надлежноста на Агенцијата за цивилно воздухопловство, соопштија од АЦВ.

Слични содржини