Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, изјави дека не се очекува промена на цената по која компанијата ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. На денешната прес-конференција во Министерството за енергетика, Узунчев рече дека во првиот квартал од годинава успеале да ја намалат производната цена на електричната енергија на 98,9 евра за мегават-час. Во РЕК Битола, производната цена паднала од 128 на 96 евра за мегават-час.
Тој објасни дека намалувањето од седум проценти било остварено без користење на хидропотенцијалите, кои вообичаено се поевтини (меѓу 22 и 27 евра за мегават-час), затоа што претходното раководство лани ги искористило речиси сите хидрорезерви. На 1 септември 2024 година, кога новото раководство ја презело компанијата, хидропотенцијалот бил само 9 отсто, додека обично на тој датум треба да биде околу 50 отсто. Сега, по неколку месеци, резервите се зголемиле на 48 отсто, а целта е на почетокот на октомври да достигнат минимум 50 отсто, што одговара на околу 300 гигават-часови.
Узунчев потврди дека во првиот квартал оствариле 35 отсто од планираната количина произведена електрична енергија, додека во вториот квартал резултатите се според очекувањата. Во трет и четврти квартал најави дека планираат да ги надминат прогнозите со цел на крајот на годината компанијата да биде во профит, дури и ако тој е само еден евроцент. Во 2024 година АД ЕСМ заврши со загуба од 123 милиони евра, додека во 2023 година имаше минимален профит од 3 милиони евра, кој според Узунчев се должел на субвенциите што ги доби од Владата.
Во моментов, АД ЕСМ продава електрична енергија на универзалниот снабдувач по цена од 62 евра за мегават-час, по што компанијата не добива субвенции од Владата. На брифингот, директорите на МЕПСО, Бурим Љатифи, и на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, исто така потврдија дека не се планира зголемување на цената на електричната енергија во нивниот дел.