По 6-ти пат му кажуваме на ВМРО ДПМНЕ дека вишоците на електрична енергија што ги произведува државата во текот на ноќта се продаваат транспарентно и по конкуренти цени кои се диктирани од берзата. Нив може да ги купи кој било, стопанство, институции, трговци, реагираат со соопштение АД ЕСМ.
„Оваа енергија, којашто се продава од 2 до 7 часот, на јавна објава, на јавна аукција, со транспарентна и конкурентна постапка, можеме да ја продадеме по одредени цени кои индикативно ги дава ХУПЕКС берзата, а цената се формира врз основа на добиените понуди. Понудата со највисока цена ја добива електричната енергија. Ако не се продава вака, тогаш другата опција е вишоците на струја да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа АД ЕСМ би имале нула приходи“, истакнуваат од ЕСМ.
Со оглед на тоа што на Христијан Мицкоски и неговата партија очигледно не им е јасно наведеното, стоиме на располагање секој ден нареден ден да им го објаснуваме истото, се наведува во реакцијата од АД ЕСМ.
Портпаролката на ВМРО – ДПМНЕ уште еднаш нагласи дека додека граѓаните плаќаат и до 50% поскапа струја, а фирмите имаат сметки и до 4 пати повисоки во однос на лани, АД ЕЛЕМ продава струја по двојно пониска цена од берзанската на трговци, кои потоа ја продаваат по берзанска цена и прават огромни профити на сметка на народот.
„Имено во периодот од 30 август до 6 септември АД ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја во вкупна количина од 2000 MW/h. Во истиот период Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас за набавка на струја за период од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на АД ЕЛЕМ од 2100 MW/h. Фирмата која што се јавува како купувач на струјата од АД ЕЛЕМ е ЕТМТ Енерџи, сопственост на ЕНЕРТЕЈД Албанија, на Артур Мицкај, човек од партијата на Еди Рама. Имено оваа фирма ја купува струјата по цена од 337 евра по MW/h од АД ЕЛЕМ, а ја продава по цена од 525,55 евра за MW/h на албанската државна енергетска компанија КЕШ. Разликата во цена, односно заработката што ја прави оваа фирма само од оваа зделка од 6 дена изнесува 10.800.000 денари. Струјата од 337 евра по мегават час можела да биде продадена на домашното стопанство, кое сега плаќа и повеќе од 2 пати повисока цена, или да биде продадена поскапо, а не двојно пониско од берза“, рече Митева.