Гласините дека Западот планира поактивно да се вклучи во војната во Украина најверојатно ќе се остварат, отккао вчера беше најавена дека ќе се испорача уште тешко вооружување за официјален Киев. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг смета дека односите меѓу западните земји и Русија нема да се нормализираат ниту по завршувањето на војната во Украина. Тој додаде дека Украина наскоро може да очекува нови испораки на тешко оружје од западните земји. „Неодамнешните ветувања за испораки на тешко оружје се важни и очекувам повеќе во блиска иднина“, рече Столтенберг. Тој ја коментираше испораката на оружје пред состанокот оваа недела на украинската контакт група за одбрана, која ја координира испораката на оружје за Киев, во воздухопловната база Рамштајн во Германија. „Ние сме во решавачката фаза на војната и затоа е важно да и се обезбеди на Украина оружјето што и е потребно за да победи. Путин ја прецени силата на своите вооружени сили. Ги гледаме нивните погрешни чекори, недостаток на морал, проблеми со водството, лоша опрема“, рече Столтенберг, додавајќи дека Русите „покажале дека се подготвени да претрпат големи загуби за да ги остварат своите цели“.
Останува прашањето што ќе значи новата испорака на оружје за ситуацијата на фронтот? Новинарот и познавач на воените состојби Мирче Адамчевски во разговор за „Локално“ вели дека Западот ќе даде тешко вооружување, но не и најтешко.
-Се ќе се знае кон петок, кога во американската база Рамштајн во Германија ќе има средба меѓу сојузниците на НАТО. Мислам дека тогаш дефинитвно ќе се одлучи какво оружје ќе ѝ се испорача на Украина. Синоќа Столтенберг изјави дека оружјето ќе биде испорачано, кое што ќе и помогне на Украина да победи. Најверојатно Украина ќе добие тешко оружје. Со давање логистика и муниција, после ваквата одлука остануваат подготовките за некоја поголема битка. Русија не случајно ги направи промените меѓу генералите. Валериј Герасимов стана командант на сите војски во Украина, оценува Адамчевски.
Тој претпоставува сето тоа е координиран настап по целата линија на фронтот и смета дека ќе има голема битка во Бахмут.
-Во Соледар беше голема битката, но тоа е мало место. Имаше стотици загинати од едната и другата страна. Очекувам дека ќе биде многу тешко, а многу работи ќе зависи од тоа кога ќе биде испорачано тешко вооружување за Украина. Има информации дека самата одлука за такво нешто може да трае со недели или месеци. Можеби сега има војна околу Бахмут, но решавачките битки допрва претстојат. Не очекувам смирување, туку уште поголема ескалација на војната, објаснува соговорникот за одлуката за испораката на НАТО.
За последните руско-белоруски маневри кои ќе траат две недели, Адамчевски истакнува дека се нормални во такви ситуации.
-И НАТО имаше такви вежби во Полска. Ќе нема ескалација од таа на границата, иако ништо не може да се исклучи. Сепак станува збор за мала група војски, но веројатно доволно големи да го отргнат вниманието од другите фронтови и да „држи“ 20-30 илјади украински војници да бидат позиционирани на границата со Белорусија, за да не се користат на другите фронтови, порачува новинарот.
За последните истрели во Дњепар и гранатирањето на станбениот блок, тој вели дека според руските медиуми станува збор за руска ракета, удрена од украинска противвоздушна одбрана, по што паднала врз зградата.
-Но тоа не е уште проверено. Такви информации доаѓаат и од украински избори од Арестович, советникот на Зеленси. Официјално Русија викаат дека стрелаат кон инфраструктурни објекти. Во моментов ситуацијата е статус-кво. Веројатно Русите ќе се подгтовуваат да одат на Бахмут. Се е без поголеми профили. Веројатно се очекува нова битка околу Бахмут, меѓу таа допрва ќе се води, посочува Адамчевски во анализата.
Н.П.