Адамчевски: Киев меѓу два огнови – дали да го слуша Бајден и да ги користи ракетите „ATACMS“ или да го слуша Трамп кој вети дека ќе донесе мир

од Nikola Popovski
795 прегледи

Руско-украинскиот конфликт влегува во нова фаза по неофицијалните информации дека Вашингтон и одобрил на Украина употреба на ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија. Со ова, Киев може да користи ракети со дострел од околу 300 километри. Се верува дека ќе бидат употребени за удари врз руските и севернокорејските војници кои се борат против украинските сили во регионот Курск во западна Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претпазлив, вели дека извештаите за промената на политиката на американскиот претседател Џо Бајден не биле отворено потврдени од Белата куќа, но рече дека ракетите ќе зборуваат сами за себе.

Бајден досега јавно не ги потврдил пишувањата на американските медиуми дека дал вакво одобрение, туку вчера само кажа дека САД силно ги поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Како понатаму? 

Евидентно е дека се зголемува ризикот од ескалација на војната во Украина, тврдат дел од аналитичарите. Според поранешниот дописник од Москва и познавач на воените состојби, Мирче Адамчевски, се ќе зависи наредниве денови како ќе реагираат сојузниците на САД.

-Има информации дека американската администрација ги известила и Германија и другите земји. „Фигаро“ напиша дека и Британија ќе даде дозвола за ракет со долг дострел. Веројатно се координираат и следниве 2-3 дена не очекува нешто особено, но можна е ескалација. Не знам каква ќе биде – дали мала или голема оти има многу причини. Од таборот на Доналд Трамп велат дека тој во јануари ќе ја повлече одлуката за ракетите и наредните потези преземени од Украина или Русија, може да влијаат врз неговата намера за воведување мир на Истокот од Европа, истакнува Адамчевски во разговор за „Локално“.

Соговорникот тврди дека официјален Киев сега е меѓу два огнови – дали да го слуша американскиот претседател Џо Бајден и да ги користи ракетите или да го слуша Трамп кој вети дека ќе донесе мир.

„Сега Зеленски ако ги користи ракетите, Русија ќе одговори соодветно и ќе има голема војна. Ако на пример, Зеленски почне со мала ескалација, а Русија со голема, пак може да дојде до голема војна, а не дај боже ако официјална Москва нападне некои ќелии на НАТО или Западот кои што се наоѓаат можеби во Украина или нејзините граници. Се надевам дека ќе надвладее разумот и Западот ќе ја поддржи одлуката, но, нема да биде применета“, посочува Адамчевски.

Откако Трамп победи на изборите, светот се фокусираше на темата за војната во Украина и што може да се промени кога Трамп ќе дојде на власт и ќе го замени Џо Бајден. Републиканскиот кандидат вети дека ќе ја заврши војната „во рок од 24 часа“, но не даде конкретни детали за тоа како има намера да го постигне тоа. За време на изборната кампања тој навести дека неизвесноста е дел од неговата преговарачка тактика. „Не можам да ви ги дадам тие планови бидејќи ако ви ги дадам, нема да можам да ги користам“, рече Трамп.

Сепак, додека Трамп ги чуваше своите планови за себе, неколку клучни точки „протекоа“ во јавноста од неговиот круг на соработници. Брајан Ланза, советник близок до Трамп, изјави за Би-Би-Си дека главната цел на украинскиот претседател Володимир Зеленски е мировен договор со Русија, а не враќање на изгубените територии. Ланза рече: „Кога Зеленски вели дека борбите ќе престанат само кога ќе се врати Крим, имаме лоша вест за него: Крим е засекогаш изгубен“. Според него, Трамп ќе бара од Киев „реална визија за мир“. Портпаролот на кампањата на Трамп веднаш ги демантираше изјавите на Ланза, тврдејќи дека Ланза не зборува во име на Трамп, но јасно е дека се разгледуваат одредени стратегии.

Еден од клучните елементи на планот на Трамп вклучува формирање на тампон зона од речиси 1.300 километри меѓу руската и украинската армија, без учество на американски војници во обезбедувањето на таа зона. Наместо тоа, Трамп има намера да ги охрабри европските и британските војници да ја преземат таа одговорност, што би го намалило директното вклучување на Соединетите Американски Држави во конфликтот. Еден член од тимот на Трамп изјавил за Вол Стрит Журнал: „Не испраќаме Американци да го одржуваат мирот во Украина. И ние не плаќаме за тоа. Нека го направат тоа Полјаците, Германците, Британците и Французите“. Овој план предвидува Украина да се обврзе да не влезе во НАТО во следните 20 години, што дополнително ќе ги намали тензиите меѓу НАТО и Русија.

Адамчевски прашува во тој случај кој би бил тампон зона – дали би биле американските сили или силите Обединетите нации..

„Најверојатно ќе се преговара да не бидат натовски и проруски сили… Тоа е прашање на договор. Еве гледаме сега се вклучи и турскиот претседател Ердоган. Од Бразил дал изјава дека го повикува Зеленски веднаш да го прекине конфликтот и да седне на маса да преговараат. Направиле Турците некаков план кој што предвидува замрзнување на линијата на фронтот, но од друга страна, гледаме дека Русите и Димитриј Песков не се согласуваат со замрзнување. Работите се комплицирани. Се додека не се седне на маса и не се разговара, ќе има некои идеи. Со конкретни работи, може да се дојде до некое решение кое што би било прифатливо за двете страни, но и за НАТО и САД“, оценува познавачот на состојбите.

Зошто ракетите со долг дострел се важни за Украина?

Украина може да користи ракети со долг дострел за да ги нападне концентрираните руски и севернокорејски војници во Курск, кој се наоѓа на границата со Украина, како и воена опрема внатре во руската територија.

Киев најверојатно ќе ја нападне областа околу руската област Курск, изјавија американски официјални лица, објави „Њујорк тајмс“.

Украинските војници зазедоа 28 населби на околу 1.000 квадратни километри во Курск за време на упадот што го започнаа во август. Наводно, севернокорејски војници се концентрирани во близина на Курск.

„Украина мора да биде способна да ги погоди руските синџири за снабдување кои се надвор од сегашниот дострел на украински ракети“, изјавил за Ал Џезира Тимоти Еш, соработник во Програмата за Русија и Евроазија во Чатам Хаус.

 

Еш шпекулира дека одлуката да му се дозволи на Киев да користи оружје со долг дострел би можела да има „за цел да и даде на Украина поголема моќ во идните преговори“.

„Штом ќе ја добие таа можност, Путин ќе сака да преговара за ограничување на воените капацитети на Украина“, рекол тој.

Додал дека во Курск е можна обнова на насилство. На 11 ноември, во објава на Телеграм, Зеленски рече дека украинските борци се борат со речиси „50.000 непријателски војници“ во Курск. Тоа беше еден ден откако Њујорк Тајмс објави дека Москва собрала 50.000 војници, вклучително и севернокорејци, во Курск.

Реакции на дел од останатите „клучни играчи“

Од Кремљ потсетија на септемвриската изјава на Путин дека дозволата на употреба на оружје со долг дострел во војната во Украина ќе значи директно учество на НАТО во конфликтот. Предупредија, администрацијата на Џо Бајден долева масло на огнот.

„Ако таквата одлука навистина била формулирана и соопштена на режимот во Киев, тогаш, се разбира, ова е квалитативно нов круг на тензии и нова ситуација од гледна точка на вмешаноста на САД во овој конфликт. Администрацијата во заминување во Вашингтон има намера да преземе чекори, тие зборуваат за ова со цел да продолжат да долеваат масло на огнот и да предизвикаат натамошна ескалација“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Портпаролката на руското МНР, Захарова, не сакаше да ги коментира медиумските написи дека Бајден ѝ дал ваква дозвола на Украина, но, потсети на септемвриската изјава на Путин дека тоа ќе значи директно учество на НАТО во конфликтот. Францускиот претседател, Макрон, вели дека Путин не сака мир и не е подготвен да преговара.

Од Брисел ја повторија поддршка за Украина да може да користи оружјето со долг дострел доставено од Западот.

„Јас веќе еднаш кажав дека Украина треба да го користи оружјето што и го дадовме, не само да ги запре стрелките, туку и да може да ги погоди стрелците“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Верувам дека должност на сите нас е навистина да ја притиснеме Русија да престане да се бори и да преговара за мир, под услови кои го почитуваат меѓународното право“, рече Емануел Макрон, претседател на Франција.

Руските напади врз Украина засилија, на удар е енергетската инфраструктура на земјата. Воведени се рестрикции за електрична енергија на целата територија. Во Суми се бројат жртви, откако во руски напад била погодена станбена зграда. Има загинати и ранети.

Што всушност е „ATACMS“?

Станува збор за систем на суперсонични тактички балистички ракети, или како што гласи неговото цело име – Армиски тактички ракетен систем MGM-140 (ATACMS). Овие ракети кои се долги околу 4 метри имаат дострел од речиси 300 километри и се истрелуваат од подвижни носачи, специјализирани возила. Ракети носат експлозивно полнење кое зависи од тоа за која варијанта станува збор, но се претпоставуав дека е тоа околу 200 килограми. Она што ги прави овие проектили толку опасни е и нивната брзина од 3 маха, или 3 пати побрзо од звукот.

Одлуката да се дозволи употреба на „ATACMS“ во Вашингтон се разгледуваше со месеци поради загриженоста дека таквиот чекор може да ја испровоцира Москва да презеем подрастични мерки во војната со Украина.

Турција со свој план

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да го предложи својот план за ставање крај на војната на состанокот на лидерите на Г20 во Рио де Жанеиро, пишува Блумберг, наведувајќи дека Ердоган ќе му предложи Зеленски да се согласи да ги одложи разговорите за влез во НАТО за најмалку 10 години како отстапка за Русија.

Турскиот план предвидува создавање демилитаризирана зона во Донбас, а како што дознава Блумберг, Ердоган предлага да се вети испорака на оружје за Украина како компензација за тоа што ќе се согласи да не влезе во НАТО.

„Турските власти признаваат дека на Украина би и било тешко да прифати таква понуда, но сметаат дека тоа е најреален пристап. Ќе се обидат да ги одложат дискусиите за долгорочната судбина на окупираните територии за да се фокусираат прво на обезбедување стабилен прекин на огнот“, пишува Блумберг.

Н.П.

Слични содржини