Адем Чучуљ, дипломиран правник со положен правосуден испит ќе биде предложен од Комисијата за прашања на изборите и именувањата до Собранието за нов претседател на Државната комисија за спречување и корупција. Комисијата за селекција на кандидатите за претседател на Антикорупциска за Чучуљ дале највисоки оценки, па, така тој доби 96,5 бодови.
Чучуљ е актуелен генерален секретар на Државната комисија за спречување и корупција и таму работи веќе 19 години.
Предходно, 10-мината кандидати беа на интервју пред Комисијата за селекција.
За претседател на Антикорупциска првично се пријавија 13 кандидати. Еден од нив ги повлече документите, а за двајца се утврди дека не ги исполнуваат условите.
Според информации од Собранието, пленарната седница на која треба да се гласа оваа Предлог-одлука ќе се одржи на почетокот на декември.
Антикорупциска ќе добие нов претседател на местото на Татјана Димитровска која поднесе оставка, откако беше обвинета во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа на лице обвинето во случајот „Адитив“ му пренесувала информации од предмет кој за него се водел во Антикорупциска. Дополнително, одговара и за фалсификување на сертификат за државна тајна, бидејќи во нејзино име, друг го полагал електронскиот испит.