Собранието денес едногласно го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од 82 присутни пратеници, сите гласаа „за“.
Чучуљ, дипломиран правник со правосуден испит, е дел од Комисијата 19 години и моментално ја извршува функцијата генерален секретар. На селекцијата за претседател доби највисоки 96,5 бодови, при што беше оценет како кандидат со значајно искуство во антикорупциските процеси и јасна визија за развој на ДКСК.
На истата седница, пратениците ги избраа и новите членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност и донесоа одлука за распишување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Чучуљ доаѓа на местото на Татјана Димитровска, која поднесе оставка поради обвиненија во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.