Адеми: Османи за македонскиот јазик го постигна она што ниту Георгиевски, ниту Заев не успеаја, понекогаш, само затоа што Албанец постигнал вистински пробив, некои се обидуваат да го ревидираат

од Milan1
26 прегледи

Инсистирањето на Владата на Северна Македонија да го реотвара прашањето за јазикот во Резолуцијата на Европскиот Парламент само ќе доведе до повторно отворање на едно веќе затворено прашање, што резултира со внесување на нови и штетни квалификации, смета пратеникот Арбер Адеми од ДУИ.

Според него, токму Бујар Османи со поддршка на Владата и Собранието го постигнал она што ниту Љубчо Георгиевски во 1999, ниту Заев во 2017 не успеале да го обезбедат за македонскиот јазик.

„Со Меморандумот помеѓу Љубчо Георгиевски и бугарскиот премиер Костов во 1999 година, за првпат беше постигнат компромис за прашањето на јазикот, при што македонскиот јазик беше квалификуван како „македонски јазик согласно Уставот“. Ова значеше дека самиот јазик се третира како политичка категорија, а не како етногенетска или културолошка реалност.

Истата формулација се рефлектираше и во Договорот за добрососедство од 2017 година помеѓу Заев и Борисов, каде повторно македонскиот јазик беше наведено како „македонски јазик согласно Уставот“.

Клучниот и суштински пробив се случи со Преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и Европската Унија, кога за првпат – и со согласност на Бугарија, која гласаше за рамката – македонскиот јазик беше признаен без никаква дополнителна квалификација: ниту „современ“, ниту „согласно Уставот“, ниту со ѕвездички.

Токму Бујар Османи со подршка на Владата и Собранието го постигна она што ниту Љубчо Георгиевски во 1999, ниту Заев во 2017 не успеаја да го обезбедат за македонскиот јазик. Тоа треба да се признае и вреднува, а не да се напаѓа.
Дополнително, инсистирањето на Владата на Северна Македонија да го реотвара прашањето за јазикот во Резолуцијата на Европскиот Парламент само ќе доведе до повторно отворање на едно веќе затворено прашање, што резултира со внесување на нови и штетни квалификации.

Понекогаш, само затоа што Албанец постигнал вистински пробив, некои се обидуваат да го ревидираат тој успех – и со тоа му нанесуваат штета на јазикот, државата и народот“, напиша Адеми на својот Фејсбук профил.

Слични содржини