Адеми за инцидентот во Собрание: Такви сцени не треба да се повторат

од Берта Китинска

Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг, кажа пратеникот и претседател на Комисија за европски прашања Арбр Адеми денеска во изјава, по инцидентот во Собранието.

„Тоа не требаше да се случи. Такви сцени не треба да се повторат ни од опозицијата, ни од било кој друг. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судири во Собранието“, изјави Адеми пред медиумите.

Пратениците од власта и опозицијата синоќа излегоа со меѓусебни обвинувања за инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања, а преку соопштение својот став го соопшти и претседателот на Парламентот Талат Џафери.

Кабинетот на Џафери соопшти дека била свикана итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието, но, според соопштението од неговиот Кабинет, присуствувале само координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.

Џафери, како што се посочува, ја свика координацијата откако членовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по цели два часа со процедурални забелешки се спротивставија да се изгласа дневниот ред на Комисијата за европски прашања, кој сепак беше изгласан.

-На координацијата беше донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма. На координацијата исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската Унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието, се посочува во соопштението.

Слични содржини