Новите дресови на германската репрезентација очиглено не престануваат да ги брануваат страстите, пренесува „Билд“.
Првично дресовите предизвикаа голема дискусија веднаш откако беа претставени во јавноста поради својата боја. Додека некои сметаа дека репрезентацијата не треба да се натпреварува во розова опрема, други ја сметаа светлата боја на дресовите храбра и убава.
Во тие розови дресови Германците ја победија Холандија со 2-1, а дека добавувачот „Адидас“ е во право докажа не само победата, туку пред се бројките од продажбата.
„Гостинскиот дрес никогаш не се продавал подобро од неговото претставување“, изјави портпаролот на „Адидас“, Оливер Бриген.
Но веднаш откако стивна возбудата околу розовиот дрес, се појавија нови маки околу дресовите за ЕП. Според „Билд“, „Адидас“ одлучил да ја откаже понудата и производството на дресови со бројот 44.
Според дизајнот на фонтот, овој број премногу потсетува на забранетите ознаки на СС од нацистичка Германија.
Во изјавата за Билд, од германската фудбалска асоцијација посочиле дека „се во разговори со „11Teamsports“ да креираат алтернативен дизајн за типографијата на бројот четири и потоа официјално да го приспособат во координација со УЕФА“.
Ова ќе се одрази и на другите дресови во германската фудбалска репрезентација зашто ќе мора да се приспособат и дресовите со броевите 4 и 14.
Дресот со број 44 нема да го носи ниту еден репрезентативец, па составот на репрезентацијата ќе биде нумериран од 1 до 23 за Европското првенство.
На последните тестови на репрезентацијата во Франција (2-0) и против Холандија (2-1), дефанзивецот на Леверкузен, Џонатан Тах, го носеше дресот со број 4, а дебитантот во репрезентацијата, Максимилијан Бејер, дресот со број 14.