Со ребаланс на Буџетот јавната администрација годинава ќе го добие регресот за годишен одмор или таканаречениот К-15 и за таа намена се алоцирани дополнителни 230 милиони денари.
„Имаа разбирање за одлагање на ова мерка во 2020 бидејќи кога требаше да почне исплатата почна третиот бран на коронавирусот и беше несоодветно регресот да се исплати во време кога приватниот сектор оди со рационализација. Оваа година одлучивме да се исплати и треба да се исплати, сме го ветиле и не само што сме го ветиле потпишан е договор. Затоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за оваа намена“, рече премиерот Зоран Заев.
Во моментов има околу 132 илјади вработени во јавната администрација, за разлика од пред четири – пет години кога биле околу 160 илјади, а тој број наскоро се очекува дополнително да се намали со стапување на сила на законот за задолжително пензионирање на 64 години.