Стотина вработени во администрацијата на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, со транспарент „И ние сме здравство и работиме во Ковид болница“, излегоа на протест. Тие бараат да им се исплати паричната награда од 30.000 денари, бидејќи и тие работеле со ковид пациенти. Станува збор за 195 лица, а за проблемот велат разговарале со директорот на болницата, но резултати засега нема.
Медицинскиот персонал во државата, лекари, медицински сестри, техничари, болничари, транспортери и сите останати кои се ангажирани во лекувањето на болните со ковид-19, пред Нова година добија еднократна парична помош од 30.000 денари. Според министерот за здравство Венко Филипче, ваква награда за нивната деноноќна работа во исклучително тешки услови на коронакриза добија 7. 600 медицински лица во државата.
Директорот на болницата Христијан Костов вели дека се прават напори и администрацијата да биде парично наградена.