Адмирал на НАТО: Украина нема да биде последната цел на Путин, Европа треба да се подготви

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Украина нема да биде последната цел на Владимир Путин, предупреди висок воен офицер на НАТО, повикувајќи ги европските сојузници да го удвојат производството на оружје и навреме да се подготват за можни конфликти. Адмиралот Џузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на НАТО, истакна дека историјата не учи дека на рускиот претседател не може да му се верува и дека Алијансата внимателно ќе го следи развојот на мировните преговори за Украина.

Тој нагласи дека, и покрај потребата за поголем ангажман на своите членки, НАТО има доволно силни капацитети да ја надмине Русија во случај на ескалација на конфликтот, и конвенционално и нуклеарно. Зборувајќи за „Тајмс“, Каво Драгоне ја предупреди одбранбената индустрија дека мора да престане да размислува за профит и да премине кон „воен начин на размислување“, во кој приоритет е спасувањето животи на бојното поле.

„Како претседател на Воениот комитет, го советувам генералниот секретар на НАТО Марк Руте за клучните воени прашања, вклучувајќи го бројот на војниците и структурата на силите“, објасни тој.
Каво Драгоне, италијански поморски офицер кој претходно служеше како началник на Генералштабот на италијанските вооружени сили, минатиот месец ја презеде улогата од адмиралот Роб Бауер.

„Трамп е необичен лик“

Со доаѓањето на претседателот Доналд Трамп во Белата куќа и неизвесноста околу иднината на Украина, Каво Драгоне призна дека веќе поминал неколку ноќи на своето биро, спиејќи во неговата канцеларија. „Трамп е необичен лик“, рече адмиралот за време на Минхенската безбедносна конференција во хотелот Бајеришер Хоф, каде што светските лидери се собраа да разговараат за глобалната безбедност.

Тој ги минимизираше растечките разлики меѓу САД и нивните европски сојузници во НАТО, нагласувајќи: „Светскиот поредок се уриваше и пред овие последни настани“.

„Ги очекувавме потезите на Трамп уште пред изборите“, рече Каво Драгоне, коментирајќи го 90-минутниот телефонски разговор на претседателот со Путин, како и отстапките што наводно ги понудил американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во врска со идниот статус на Украина. Тој ги пофали европските министри за одбрана, кои ги нарекоа потезите на Трамп „политика на смирување“ и „водење на сојузниците во смртна замка“, за нивната „зрела реакција“.

„Вистинската победа на Путин не е прифатлива“

„Вистинската победа за Путин не е прифатлива“, нагласи Каво Драгоне. Тој додаде дека Украина мора да биде активен учесник во мировните преговори бидејќи нејзината иднина е загрозена, а во процесот мора да биде вклучена и Европската унија. „Украина нема да биде неговата последна цел“, предупреди адмиралот, потсетувајќи на руската инвазија на Грузија во 2008 година, на анексијата на Крим во 2014 година и на целосната инвазија на Украина во 2022 година.

Многу европски лидери, особено оние од балтичките земји, стравуваат дека мировниот договор постигнат со посредство на САД може само привремено да го замрзне конфликтот, оставајќи и на Русија доволно време да ја обнови својата армија и да направи нов обид да ја преземе Украина и да протурка подлабоко во Источна Европа. „Ќе видиме дали Путин ја сменил својата позиција и дали сега може да му се верува, но НАТО внимателно ќе го следи секој негов потег“, истакна Каво Драгоне.

„Путин знае дека не може да го победи НАТО“

Тој, исто така, нагласи дека во Украина би можела да биде испратена „коалиција на подготвените“, односно меѓународна мировна мисија под покровителство на Обединетите нации за да се обезбеди стабилност и безбедност во земјата. Соединетите Држави јасно ставија до знаење дека немаат намера да испратат војници на НАТО во Украина, но овој пристап ќе обезбеди безбедносна заштита без директен воен ангажман од страна на алијансата.

Иако е свесен за растечките закани од Русија и Кина, Каво Драгоне останува уверен дека НАТО нема да мора да го активира членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад на една членка се смета за напад врз целата алијанса.

„Путин знае дека во тој случај би изгубил повеќе отколку што би можел да добие. Свесен е дека тоа ќе му биде крајот“, рече адмиралот, додавајќи дека НАТО функционира како „осигурителна полиса“. На прашањето дали НАТО е воено посилен од Русија, тој одговори: „Апсолутно, и од конвенционална и од нуклеарна перспектива. Американскиот, британскиот и францускиот нуклеарен чадор е посилен од рускиот арсенал“.

„Индустријата мора да престане да размислува за профит“

И покрај сегашната воена предност, Каво Драгоне предупреди дека НАТО мора дополнително да ги зајакне своите одбранбени способности. Тој ги повика производителите на оружје да го забрзаат производството, да го удвојат капацитетот и да ги намалат цените.

„Индустријата треба да престане да размислува за профит и да почне да работи побрзо. Ова е повик за будење бидејќи индустријата заостанува зад потребите на теренот“, нагласи тој.

„Тие сè уште работат по старите принципи, каде што главната работа е профитот. Сега треба да сфатат дека се дел од одбранбениот систем. Нашите војници ги ризикуваат своите животи во рововите и не смееме да ги оставиме без опрема“.

Коментирајќи ги заканите на Трамп за Канада и Гренланд, автономна територија на Данска, Каво Драгоне ги нарече таквите тврдења „целосна фантазија“. „Нема да има конфликт во Алијансата. НАТО е силен, обединет и подготвен да се соочи со секој предизвик, заклучи италијанскиот адмирал.

Слични содржини