Адвокат Бангиевски: Доколку се докаже поврзаноста помеѓу осомничените за убиството и таткото на Вања, тогаш тој треба да одговара како за соучесник во извршувањето на делото

од Nikola Popovski

На 27 ноември во Скопје исчезна девојчето Вања Ѓорчевска (14). Во потрагата беше вклучена цела Македонија како и регионот, а по осум дена беше пронајдено нејзиното безживотно тело, како и телото на пензионерот Панче Жежовски (74) од Велес. Утврдено е дека и двајцата се убиени. Адвокатот Владо Бангиевски за „Локално“ го коментираше целиот случај, особено делото „убиство од користољубие“, како што соопштија од Скопското јавно обвинителство.

Адвокат Владо Бангиевски

Како што вели тој, од прес-конференцијата одржана пред два дена од МВР и ОЈО се доби впечаток, кај дел од јавноста, дека случајот се води со погрешна квалификација на делото, односно дека воопшто не се работи за кривично дело „убиство од користољубие“ – туку дека се работи за класично убиство со умисла.

-И навистина, лично мислам дека ова кривично дело нема елементи да се води како дело извршено од користољубие – туку дека е класично дело убиство со умисла. Секако, за детали не можам да зборувам бидејќи немам увид во доказите, но впечатокот е тој, посочува Бангиевски.

Според него, ако прифатиме дека се работи за кривично дело „Користољубие“ – тогаш Кривичниот законик на РСМ е јасен – за такво дело е предвидена казна затвор во траење од најмалку 10 години или казна доживотен затвор. Ова се однесува за член 123 од КЗ на РСМ.

Потенцира дека секое кривично дело има отежителна околност ако е сторено со умисла.

-Доколку во текот на истрагата се докаже поврзаноста помеѓу осомничените за убиството и таткото на жтртвата, тогаш таткото ќе треба да одговара како за соучесник во извршувањето на делото, анализира Бангиевски.

Основното јавно обвинителство Скопје синоќа донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.

За четворица осомничени, кои веќе се наоѓаа во 48-часовен притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка вечерва достави предлог за определување мерка притвор.

Постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.

На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен.

Н.П.

Слични содржини