Адвокатот Дончо Наков веќе нема да биде бранител на избеганиот експремиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, а се однесува на изградбата на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Минатото рочиште за случајот беше одложено, откако Наков од судот побара одложување поради тоа што не добил полномошно од Груевски, бидејќи со преносот на предметите од СЈО во ОЈО, предметот добил нов број, а сега, полномошното му е откажано.
Судијката за „Талир 2“, Даниела Алексовска-Стојановска на рочиштето го прочита известувањето на адвокатот Наков, кој наведува дека не успеал да оствари контакт со неговиот клиент Никола Груевски, па поради тоа нема да може да го застапува во рочиштата кои следуваат.
Во предметот обвинети се експремиерот Никола Груевски и поранешниот владин генерален секретар, Кирил Божиновски, кои се товарат за злоупотреба на службената положба, со што овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање политички партии и Законот за облигациони односи.