Адвокатите на Асанж: САД го користат случајот во политички цели

од Vladimir Zorba
166 прегледи

Новото американско обвинение против основачот на Викиликс, Џулијан Асанж се користи во политички цели, тврдат неговите адвокати, кои денес се појавија за прв пат по три месеци преку видео-врска пред судот во Лондон.

Адвокатот на основачот на Викиликс, Едвард Фицџералд, го предупреди Вестминстерскиот прекршочен суд во Лондон дека е можно американскиот државен обвинител Вилијам Бар да го користи овој случај за „политички причини“, проценувајќи дека новото обвинение против Асанж има „потенцијални последици“.

Имено, Фицџералд рече дека обвинението може да доведе до одложување на рочиштето по американските претседателски избори во ноември годинава.

Според „РТ“, Асанж, кој е во затвор во Лондон повеќе од една година, се појави преку видео линк на суд и изгледаше уморен.

Неговата партнерка Стела Морис изјави на Твитер дека не го видела 17 недели и дека не му била дадена заштитна маска во затвор.

Таа тврди дека маските не ги носат ниту затворските чувари.

Министерството за правда на САД издаде ново обвинение против Асанж во јуни, во кое тој е осомничен за регрутирање хакери на конференции во Европа и Азија, кои би можеле да обезбедат доверливи информации за неговата веб-страница, како и во дослух со членови на хакерски организации.

Изменетото обвинение не содржи повеќе од 18 точки од обвинението, меѓутоа, обвинителите велат дека тоа ги истакнува напорите на Асанж за добивање и објавување на класифицирани информации.

Асанж беше уапсен минатата година, откако беше избркан од еквадорската амбасада во Лондон, каде што е од 2012 година, и во моментов е во притвор чекајќи одлука дали ќе биде екстрадиран во САД.

Министерството за правда на САД го сомничи за заговор со поранешниот американски војник Челси Менинг за протекување доверливи документи.