По изборот на поротата, адвокатите на холивудската ѕвезда Џони Деп ја претставија неговата позиција за тужбата за клевета против неговата поранешна сопруга Амбер Херд во судот во Ферфакс, Вирџинија.
Актерот ја поднесе тужбата во 2018 година со барање за 50 милиони долари. Тој тврди дека Херд го клеветела во напис во Вашингтон пост дека е жртва на семејно насилство. Името на Деп не беше споменато во написот, но неговиот адвокат Бенџамин Чу пред поротата кажа дека е повеќе од јасно на кого мисли, поточно на холивудската суперѕвезда.
Чу истакна дека „лажно и неправедно го прикажала г-дин Деп како негативец – маж кој ќе нападне жена“.
Адвокатот на Амбер Херд, Бен Ротенборн, рече дека Деп се обидува да ги доведе во заблуда и да го одвлече вниманието на поротниците со „луди теории на заговор“ и ги потсети на слободата на говорот.
Судскиот спор во САД започна помалку од две години откако Деп ја загуби тужбата за клевета против британскиот таблоид „Сан“, кој го нарече „сопруг тепач“. Според судот во Лондон, тој постојано ја напаѓал својата поранешна партнерка, поради што таа се плашела за својот живот.
Ѕвездата на „Пиратите од Карибите“ сака поротниците да утврдат дека неговата поранешна партнерка намерно давала лажни тврдења.
Херд, од своја страна, тврди дека ја кажала вистината и дека не може да биде одговорна бидејќи нејзиниот напис за семејно насилство од 2018 година бил прашање од јавен интерес.
„Вашингтон пост“ не е странка во случајот.
Деп и Херд се запознале за време на снимањето на „Дневникот на еден пијаница“ во 2011 година, а се венчаа четири години подоцна. Херд, најпозната по улогите во „Аквамен“ и „Лига на правдата“, го обвини Деп за семејно насилство откако поднесе барање за развод во 2016 година.
Таа поднесе сопствена тужба за клевета против него, тврдејќи дека ја посрамил нарекувајќи ја „лажга“.
Одлуката за противтужбата на Херд ќе биде донесена во текот на судењето, кое може да трае шест недели. Русокосата бара отштета од 100 милиони долари од Деп.
По тужбата за клевета во Лондон 2020 година, Деп беше заменет со данскиот актер Мадс Микелсен во третиот филм од серијата „Фантастични ѕверови“.