Адвокатите на обвинетите во судењето за пожарот во „Пулс“ побараа одложување на рочиштето

Одложување на рочиштето е побарано откако Обвинителството поднесе интегрирано обвинение во кое е вклучена и постапката за Александар Нацев и агенцијата за обзбедување „Рубикон“, како и редуцирана листа на докази

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

На првото рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, бранителите на поголем дел од обвинетите побарале одложување на расправата откако Обвинителството поднесе интегрирано обвинение во кое е вклучена и постапката за Александар Нацев и агенцијата за обзбедување „Рубикон“, како и редуцирана листа на докази. Одложување побарал и адвокатот на Нацев кој рече дека мора да се запознае со главното обвинение.

Претходно судот на почетокот на денешното рочиште го спои предметот за сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. За него, обвинителниот акт беше подоцна одобрен, на почетокот на септември во 2025 година. Нацев е обвинет за предизвикување општа опасност, бидејќи обвинителството тврди дека тој стоел и ги правел плановите за обезбедување на „Пулс“ заедно со вистинските сопственици, и покрај тоа што немале никаков договор со „Рубикон“.

Комплицираниот судски процес во кој се обвинети 35 физички и три правни лица, се одвива во големата судница во Идризово. Петнаесетмина обвинители ќе го докажуваат обвинението за оваа трагедија. Рочиштето се одвива под силно полициско обезбедување.

Со главната расправа ќе раководи судијката Диана Груевска-Илиевска. Зад себе има 19-годишно судиско искуство, а претходно делеше правда во високо-профилирани судења.