Адвокатката на газдата на Пулс бара негово преместување во „Идризово“ поради „понижувачки третман“ во кумановскиот затвор

-Во затворот се однесуваат нечовечки и понижувачки со него, вели адвокатката Коцевска

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Со сослушување нови сведоци, по предлог на Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На рочиштето адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов-Деко побара судот да донесе решение за пренесување на Јованов во затворот „Идризово“ бидејќи, како што вели, затворскиот персонал од затворот во Куманово се однесува „нечовечки и понижувачки кон обвинетиот“.

Нејзиното барање беше и во насока на тоа што судницата во која се одвива процесот се наоѓа во близина на затворот, како и поради неговата здравствена состојба и потребата од лекарска интервенција.

Претходно, адвокатот Петре Шилегов, бранител на Шефкет Хазари од Министерството за економија, на почетокот од денешното судење побара да се преиспита обвинението за да се види кој бил директно инволвиран, а кој не, и да се направи издвојување на постапките. Воедно, побара да се одложи денешното рочиште.

Судот го одби ова барање со образложение дека не може да му наложи на ЈО како да постапува.

На претходните рочишта сведочеа лица кои биле во објектот кобната вечер, опишувајќи паника и хаос откако избувнал пожарот. За денеска е најавено сослушување на уште пет сведоци.

Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што, според обвинението, објектот работел незаконски, бил преполн, а биле користени и недозволени пиротехнички средства. Обвинети се над 30 физички и три правни лица.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.