Адвокатот Горан Бошевски, бранител на обвинетиот Велибор Манев, во својот завршен збор за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во однос на кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.
Во однос на кривичното дело грабнување, Бошевски побара судот при одмерувањето на казната да изрече две одделни казни и потоа да утврди една, единствена пресуда, која ќе биде прилагодена на личноста на обвинетиот и насочена кон целта на превенцијата — како единствено легитимна цел на кривичната постапка.
* Палевски: Во документи на УБК беше напишано дека сум подготвувал атентат на Заев
* Криминален ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска – изјави Палевски од судницата
Бошевски на почетокот од завршниот збор појасни дека Манев ги познавал останатите обвинети, освен Александар Ѓорчевски, а познаник му бил и убиениот Панче Жежовски, кој, според одбраната, му должел пари. Адвокатот детално го опиша грабнувањето и убиството на Вања и Панче, согласно сведочењето на Манев, и нагласи дека неговиот клиент не учествувал во нивните убиства.
„Кога ја отворивме вреќата, видовме училишен ранец. Палевски ѝ ја тргна лентата од устата на ‘жената’ и видовме дека е дете. Ја праша која е, кои се мајка ѝ, татко ѝ. Ја фотографираше со вперен пиштол во неа. Му тековме со Боре да го ослободи девојчето, и така сме под маски. Но тој зеде перниче од ѓубриштето и ја застрела во главата“, рече адвокатот на Манев.
Петмината обвинети, меѓу кои е и таткото на Вања на почетокот од судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.