Адвокатот на Каили: Потпретседателката во Катар следела наредби на претседателката на ЕП

од Stefanija Kuzmanovska
207 прегледи

Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент, Ева Каили, уапсена под сомнение за корупција, тврди дека нејзината работа во Катар била дел од поширок план на ЕУ и дека добивала наредби од претседателката на ЕП Роберта Мецола, изјави нејзиниот адвокат Михалис Димитракопулос.

Во интервју за грчката телевизија МЕГА, Димитракопулос изјави дека Каили ги негира обвинувањата и тврди дека нема никаква врска со парите пронајдени во нејзиниот дом.

„Нејзиниот став е дека таа е невина и нема никаква врска со парите кои биле пронајдени во нејзината куќа. Се работи за пари поврзани со нејзиниот партнер, а тој ќе даде објаснувања за потеклото на парите“, изјави Димитракопулос.

Тој истакна дека Катар не морал да ја поткупува Каили бидејќи таа одела во Катар како претставник на Европскиот парламент.

„Распоредот на состаноци, говори и изјави што ќе ги даде со катарските претставници беше однапред одреден од кабинетот на претседателот на Европскиот парламент. Исто така, Мецола испраќала придружба на ЕУ со Каили, г-дин Роберто Бедини, така што сите контакти би биле во негово присуство“, додаде Димитракопулос.

Тој рече дека Каили го спровела планот кој започнал во 2019 година и дека високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон одлучиле на ниво на Европската комисија да соработуваат со Катар, Кувајт и Оман.

„Тие сакаа да ги зајакнат трговските односи со земјите од Заливот. Контактите што ги имаше во Катар не беа нејзина лична работа, таа лично не му служеше на Катар за да ја поткупи“, рече Димитракопулос.

Од кабинетот на Мецола за бриселскиот портал „Еурактив“ изјавиле дека претседателката им дава инструкции на сите потпретседатели на ЕП како да ги застапуваат позициите на таа институција и „ништо повеќе“.

Се вели дека потпретседателите имаат географски области во кои го претставуваат Парламентот како дел од нивните должности и одговорности, а дека во случајот на Каили тоа бил Блискиот Исток.

Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи, кој работи како асистент во Европскиот парламент, Лука Висентини, неодамна избраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати и Пјер Антонио Панцери, поранешен член на Европскиот парламент, а сега претседател на невладината организација „Борба против неказнивоста“, беа уапсени минатата недела во Белгија како дел од истрагата за наводните незаконски лобистички активности на Катар. Белгискиот суд во четврток на 15 декември ќе одлучи дали ќе ја задржи во притвор до пресудата.

На 13 декември европратениците речиси едногласно ја сменија Каили од функцијата потпретседател на Европскиот парламент, а таа претходно беше исклучена од пратеничката група на социјалистите и демократите, втората по сила во ЕП.

Во вчерашната расправа европратениците побараа да се спроведе внатрешна истрага, да се соработува со белгиските власти и да се воведат дополнителни мерки за да не се повторат слични случаи.

Комесарот Јохансон рече дека мора да има нулта толеранција за корупцијата и најави дека следната година Комисијата ќе предложи закон со кој ќе се криминализираат сите форми на корупција во сите земји-членки, не само мито, туку и трговија со влијание, незаконско богатење, проневера и злоупотреба на овластувањата, со строги казни.

Слични содржини