Марјан Витановски, адвокатот на Љупчо Палевски во изјава за медиумите рече дека бараат информација дали еден од осомничените за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Боре Видевски поседува пиштол, како и за типот на оружјето. По денешното судско рочиште, истакна дека се уште се изведуваат доказите на Јавното обвинителство. Според него, Палевски смета дека е најпогоден момент кога треба да се бара изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска, но и на целото скопско обвинителство, од причина што, како што вели, јавниот обвинител не проверил дали Видевски има пиштол.
-При претрес на дом, само констатирал дека не се пронајдени предмети кои би биле сврзани со конкретното кривично дело. Имајќи го во предвид фактот дека поседува ист таков пиштол, сметаме дека истрагата во една фаза е незаконска од причина што доставената чаура не беше изведена како доказ. Сведоците на одбраната на десетпати беа прашани дали Палевски имал пиштол, а никој друг од обвинетите не е прашан. Сметавме дека некои работи што ги презема Обвинителството укажуваат на тоа дека се прави обид, по било која цена првообвинетиот да се поврзе со делото. Доказите кои што се приложени кон обвинението покажуваат дека тој засега не може да се доведе до поврзаност. Доколку се пронајде пиштолот, треба да се проверат околностите. Невозможно е да имаме четири обвинети, еднаш го признаа делото, па го повлекоа…Не поставија ниту едно прашање, ниту приложија доказ. Можеби и тие се заложници во овој кривично-правен настан. Можеби преговарале за исходот на постапката, кажа Витановски по денешното рочиште.