„Зошто Шабан Салиу не е виновен? Пред се, отсуството на законската пропишана надлежност како раководно лице на ДЗС, според која, тој не бил дел ниту можел да биде дел од процесите за лиценците, инспекциските надзори, урбанистичките одлуки или од проверките на техничките услови на угостителските објекти. Таквите постапки не спаѓале во негови овластувања и не можат дa се поврзат со неговата финкција. Тој не можел дa делува на пожарот ниту на последиците од истиот“ – вака денеска одбраната на министерот без ресор, Шабан Салиу ја темелеше неговата невиност во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Според адвокатот на Салиу, ниту во периодот од 2012-2017 кога Салиу бил директор на ДЗС ниту во периодот потоа до 2025 година, во кои тој не е дел од системот, во кривично-правно смисла, не можат да се поврзат со пожарот.
-Тоа не го велам јас, туку го потврдуваат фактите и реалноста. Наше е само да ја откриеме вистината, кажаа од одбраната на Салиу.
Адвокатот праша дали ако некој во синџирот на каузалната врска, си ја вршеше својата работа и на 15 март пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше објектот „Пулс“, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, дали Сали ќе беше одговорен?
-Само за тоа што наводно 9 до 14 години порано не постапувал според управно-правните обврски кои и така не биле во негова надлежност, кажа адвокатот на Салиу на денешното рочиште од судскиот процес.
Вкупно 35 физички и три правни лица седнаа на обвинителна клупа за првото обвинение што беше поднесено за кочанската трагедија каде животот го загубија 63 лица.