Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром информира дека е во тек јавен оглас за изразување интерес за ангажирање лица за вршење јавни работи во текот на 2026 година.
Со огласот се повикуваат сите евидентирани невработени лица, социјално загрозени лица и пензионери што сакаат да се вклучат во активности од јавен интерес на територијата на Општина Аеродром.
Ангажираните лица ќе бидат вклучени во одржување на јавната чистота (чистење јавни површини, празнење на канти за отпад, собирање лисја и гранки и сл.); одржување на зелените површини и на парковите (косење трева и хортикултурни активности); одржување улици, пешачки патеки и тротоари.
Пријавите се поднесуваат во архивата на Јавното претпријатие во просториите на Општина Аеродром, а образецот може да се подигне на самото место или да се преземе електронски од следниов линк: http://aerodrom.gov.mk/vest/9540
Повеќе информации можат да се добијат и на телефонскиот број: 072 270 886
„Со оваа иницијатива продолжуваат заложбите за почиста, позелена и поуредена општина – во интерес на сите граѓани“, порача градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески во објава на социјалните мрежи.