„Вардариште“ не им дава сон на жителите на Аеродром и Гази Баба. Иако полицијата поднесе кривична пријава против тројца за загрозување на животната средина и кои завршија во 30-дневен притвор, а обвинителството отвори истрага, депонијата и натаму повремено чади. Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денеска во изјава за медиумите рече дека деновиве се очекува да бидат готови резултатите од инспекцискиот надзор што се прави на депонијата.
-Веќе е испратен Инспекторатот на терен и ги чекаме резултатите. Врз основа на тоа, ќе одговориме, изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашање по денешната прес-конференција по презентацијата на Проектот за субвенционирање на 200 електрични возила за таксистите.
Жителите на скопските општини Аеродром и Лисиче веќе неколку дена од 18 часот протестираат барајќи решавање на проблемот со депонијата Вардариште од каде, како што тврдат, се шири чад и отровна миризба. Се жалат дека се гушат од отрови, при што канцерогени честички се шират во воздухот.
Дивата депонија деновиве беше и тема меѓу кандидатите за градоначалници на Скопје кои нудеа решенија за надминување на проблемот.