Аеродромите го критикуваат новиот систем на ЕУ: „Летово туристите ги чека катастрофа“

Европските аеродроми и претставници на туристичката индустрија ја повикаа Европска комисија да дозволи привремена суспензија на новиот Систем за влез/излез (EES) доколку биде потребно, поради страв од сериозни нарушувања во текот на летната сезона.

од desk4
8 прегледи Фото: Slovenia For You

Европските аеродроми и претставници на туристичката индустрија ја повикаа Европска комисија да дозволи привремена суспензија на новиот Систем за влез/излез (EES) доколку биде потребно, поради страв од сериозни нарушувања во текот на летната сезона. Аеродромските здруженија предупредуваат дека новите биометриски контроли за странските посетители може да доведат до „катастрофално“ искуство за патниците и огромни гужви.

Што предвидува новиот систем?

EES предвидува земање отпечатоци од прсти, фотографирање и регистрација на повеќето туристи од Обединетото Кралство кои патуваат во Европа. Британски компании пријавиле значителни неусогласености во примената на правилата од постепеното воведување на системот во октомври 2025 година.

Иако граничните служби имаат можност да го намалат обемот на проверките или привремено да го суспендираат системот за да се избегнат сериозни застои, постепената примена веќе доведе до долги редици на некои европски аеродроми. Во моментов државите мора да регистрираат најмалку 35% од патниците, а од 10 април се очекува сите патници да поминуваат низ EES-регистрација.

Доцнења и до три часа

Иако дел од граничните пунктови беа подготвени со EES-инфраструктура уште пред стартот како Евротунелот во Фолкстоун и меѓународната станица Сент Панкрас во Лондон најголем дел од посетителите во 29 земји што го применуваат EES ќе ги регистрираат податоците по слетувањето на аеродромите.

Здружението на аеродроми Airports Council International Europe (ACI Europe) соопшти дека системот веќе предизвикува доцнења до три часа, при што најпогодени се аеродромите во Шпанија, Португалија, Франција и Италија.

Страв од летен хаос

Генералниот директор на ACI Europe, Оливие Јанковец, изјави дека хроничниот недостиг од персонал на граничните контроли постоел и претходно, а EES дополнително го влошува проблемот. „Веќе гледаме редици подолги од два часа со само 35% регистрирани патници. Тоа не е одржливо и се плашиме дека ќе стане уште полошо“, предупреди тој.

Според Јанковец, најкритични ќе бидат јули и август, кога патничкиот сообраќај се удвојува. „Можно е редиците да достигнат и до пет часа, што создава катастрофално искуство за патниците, безбедносен ризик и опасност од пропуштање на поврзувачки летови“, додаде тој.

Апел до Европската комисија

Британското здружение на туристички агенции ABTA ја повика ЕУ да обезбеди сите земји-членки и гранични служби да користат вонредни мерки за да се избегнат долгите доцнења. Извршниот директор на ABTA, Марк Танцер, му испратил писмо на европскиот комесар за миграции Магнус Брунер, барајќи дополнителен надзор и зголемување на бројот на граничен персонал во најоптоварените периоди.

Проблеми во примената

Портпарол на Комисијата минатата недела изјави дека вонредните мерки ќе бидат достапни најмалку 90 дена од рокот во април, со можност за продолжување за уште шест недели за да се покрие летната сезона. Сепак, од ACI Europe велат дека аеродромите сè уште немаат официјална потврда за продолжување на можноста за суспензија, ниту за условите под кои тоа би се случило.

Како пример се наведува аеродромот во Лисабон, каде што редиците непосредно пред Нова година достигнале и до седум часа, по што португалските власти привремено го суспендирале системот. Дополнително, многу самопослужни EES-киосци не функционираат сигурно, а само Шведска овозможила апликација за претходна регистрација на патниците.

Потребен координиран пристап

„Можеме привремено да го закрпиме проблемот за летото, но неопходно е сите овие прашања да се решат преку координиран европски пристап“, порача Јанковец.

Во Обединетото Кралство, Евротунелот соопшти дека воведувањето на EES за автобуски патници и возачи на камиони поминало без проблеми, но регистрацијата на туристички возила сè уште не е започната. Eurostar, пак, иако инвестирал значителни средства во нови киосци на Сент Панкрас, сè уште не ги активирал, чекајќи одлука и софтвер од француските власти.