Кандидатот од Северна Македонија, Горан Јандреоски е назначен за нов извршен директор на Аеродромот на Црна Гора, објави компанијата.
– Комисијата, која се состоеше од членови на Управниот одбор на АЦГ и претставник на Министерството за капитални инвестиции, го избра Јандреоски по конкурсот и интервјуто, а врз основа на неговата богата професионална биографија – соопштија оттаму.
Според нив, Јандреоски бил директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство во Северна Македонија, како и на високи раководни позиции на аеродромот во Скопје.
– Тој има завршено електроинженерство, дипломиран менаџмент на цивилно воздухопловство од Сингапур, како и диплома за авијација „MBA Аviation graduate“ на Универзитетот во Дунав Кремс. За време на интервјуто, тој како приоритети на неговиот ангажман ги спомена аеродромската сертификација, оптимизацијата на трошоците на компанијата и техничкото подобрување на двата аеродрома – наведува АЦГ.
На местото директор на аеродромот се пријавија 14 кандидати.