Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, како организации кои имаат за цел да ги промовираат и застапуваат интересите на компаниите кои работат во доменот на ИКТ и е-трговија заеднички со иницијатива за предлог измена во Законот за данок на додена вредност. Целта на иницијативата е прецизирање на повластената стапка од 5% за
софтверски решенија, вклучително и на решенија за е-трговија, која е потребна со цел елиминирање на можностите за различни и субјективни толкувања.
Од АЕТМ и МАСИТ велат дека Законот за данокот на додадена вредност од самото воведување ги опфаќа дејностите од доменот на ИКТ индустријата на многу базично ниво, користејки терминологија дефинирана во 2007 година кога се овозможува примена на повластена даночна стапка од 5% за овој вид на услуги со цел стимулирање на развојот на информатичкото општество.
„Несомнено е дека брзите промени кои се случуваат како резултат на развојот на технологиите претставуваат предизвик за регулативата насекаде во светот, која едноставно не може да ги прати промените. Потребни се нови начини на дизајнирање на регулатива која ќе обезбеди безбедност и доверба, а истовремено ќе обезбеди поволна околина за раст и развој. Сепак овој случај кој е предмет на нашата иницијатива не е предизвик од таков тип, едноставно се работи за терминoлогија со недоречености која е неопходно да се обнови. Нема идеална регулатива и постојано ќе треба промени, затоа клучна е брзината и отворeноста за постојани промени. Само така ќе успеeме постојано да
ја подобруваме бизнис климата.” – вели Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска
Во последната декада развојот на ИКТ секторот значително придонесе за појава на нови производи и услуги и на светско и на локално ниво, па оттука услугите како што се развој на софтвер по нарачка, софтверски услуги, одржување на софтвер, развој на веб сајт, развој на решенија за е-трговија (е-продавници), одржување на веб сајт, сервер администрација и други, не можат да се идентификуваат единствено со моменталната формулација која гласи „Софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери)” (во Член 30 став 2 точка 2 од Законот за ДДВ).
АЕТМ и МАСИТ предлагаат прецизно дефинирање и измена на ставот во „Развој на софтверски решенија (вклучително веб апликации, веб страни, решенија за е-трговија и мобилни апликации) софтверски лиценци и одржување на софтверски решенија”.
Користењето на терминологија која не обезбедува прецизност при алоцирањето на одделниот промет на добра и услуги, создава простор за различни толкувања за користење на правото на примена на повластена стапка од 5% од страна на засегнатите страни во деловниот свет.
– “ИКТ индустријата во последните години бележи постојан раст не само во остварените приходи туку и во бројот на компании, бројот на вработени, извозот и вработува млади и перспективни кадри со плати повеќе од двојно повисоки од просекот на ниво на држава. Владата треба да обезбеди поволна клима за понатамошен раст и развој на ИКТ идустријата која игра клучна улога во дигиталната економија, а најмалку што може е да го слушне гласот на заедницата кога се соочува со проблеми и да одговори со промени во насока на јасни правила за сите.” – објаснува Претседателката на Управен одбор на МАСИТ, Анета Антова Пешева.
Прецизното дефинирање на ставките во законот ќе придонесе за јасна дистинкција на ставките што подлежат на повластена стапка од 5%, а со тоа ќе се намали и просторот за субјективни разбирања на предметната проблематика и ќе се намали просторот за различни толкувања од страна на засегнатите страни.