Интервју со Нина Ангеловска: Сивата економија во е- трговијата е пандан на традиционалната нелегална трговија

од Vladimir Zorba
58,2K прегледи

Нелојалната конкуренција во е- трговијата им нанесува голема штета на потрошувачите, на регистрираните е- трговци но и на целокупната економија. Сивата економија според Нина Ангеловска од Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, се манифестира преку нарачки од нерегистрирани субјкети при што граѓаните не можат да остварат поврат на пратката, а бидејќи немаат фискална сметка не можат да бараат заштита од надлежните.

„Купувачите треба да створат нови вештини за препознавање на нерегистрираните субјекти, да ги користат алатките кои ги нуди АЕТМ, и секако да не веруваат на т.н „предобри зделки“. На штета на целокупниот развој на е-трговијата е ако измамен купувач од ваков тип на нарачка со која бил доведен во заблуда или измамен, го препише целото искуство како непријатно искуство од „онлајн нарачување“. За продавачите од друга страна кои учествуваат како нерегистирани субјекти мотивот е да се избегнат даноци, давачки и административни процедури, вели во интервју за „Локално“, Ангеловска.  

За да се детектираат и стават под контрола нелегалните дејствива во онлајн трговијата а во исто време и да се заштитат потрошувачите, покрај Единствениот регистар на е- продавачи кој брои над 1000 е – трговци и беџ за верификуван е-трговец, според Ангеловска, потребен е холистички пристап, акција од повеке институции, добра координација и организација, и секако волја.

„Прогресот оди бавно и потребно е значително забрзување на темпото и капацитетите.  Нашите напори ги насочуваме и кон апелирање за само-заштита од страна на потрошувачите за да не се доведуваат во ситуации кога се измамени, кога не добиле фискална сметка или фактура, кога не можат да го остварат правото пред институциите или пак да стапат во контакт со продавачот за поврат на пратката“, потенцира Ангеловска. 

За тоа кои се најдобри решенија/мерки прилагодени за нашата состојба Ангеловска нема дилема,  тоа се мерките кои ќе се реализираат и ќе дадат резултати.

„Идеја без реализација е ништо, така и тука, може да ги мапираме најдобрите практики да направиме добар план, меѓутоа без реализација останува само „идеја на хартија“, подвлекува Ангеловска.

Со цел намалување на сивата економија во е-трговијата и заштита на потрошувачите, неодамна  со Организацијата на потрошувачи на Македонија потпишавте меморандум за соработка. Зошто потребата да се зголеми заштитата за потрошувачите? 

-Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) следејќи ја состојбата ги мапира главните предизвици и потоа дизајнира иницијативи за адресирање на тие предизвици. Еден од главните предизвици во е-трговијата е сивата економија, која претставува нелојална конкуренција за регистрираните е-трговци чии интереси ги застапува АЕТМ. Истата најчесто се манифестира преку нарачки на социјалните медиуми од нерегистрирани субјекти, при што потрошувачите се многупати оштетени и не се во можност да ги остварат своите потрошувачки права, не можат да остварат поврат на пратката, не можат да стапат во контакт со продавачот, а бидејќи немаат фискална сметка или потврда, не можат ниту да бараат заштита од надлежните институции. Ова пак е од друга страна во интерес на ОПМ која ги штити потрошувачите. Оттука и поврзаноста на овој меморандум и заедничките заложби.

АЕТМ има бројни реализирани активности на оваа тема, а помеѓу неодамнешните се и единствениот регистар на е-трговци кој ги содржи сите регистрирани е-продавачи, каде купувачите може да проверат дали се работи за регистриран е-трговец пред да направат нарачка.  Потоа, беџот за верификуван е-трговец е уште една алатка која на потрошувачите им дава сигнал дека се работи за регистриран и проверен е-трговец. Платформата за беџот содржи и листа со надлежни институции каде потрошувачите може да се информираат за надлежностите на институциите и соодветно да поднесуваат поплаки.  Oвие активности се развиени или надоградени со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ имплементиран од Консалтинг за стратешки развој, а поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Нашите напори ги насочуваме и кон апелирање за само-заштита од страна на потрошувачите за да не се доведуваат во ситуации кога се измамени, кога не добиле фискална сметка или фактура, кога не можат да го остварат правото пред институциите или пак да стапат во контакт со продавачот за поврат на пратката.

Верувам дека секогаш со здружени напори можеме да направиме многу повеќе, така заедно со ОПМ верувам дека ќе успееме да реализираме заеднички активности и да придонесеме заедно повеќе кон оваа значајна тема.

Дали поголемата сигурност ќе ги мотивира потрошувачите повеќе да купуваат на интернет а е- продавачите да не се занимаваат со сомнителни практики? Генерално дали можеме да бидеме задоволни од сегашниот процент на ваквиот начин на трговија? 

-Сивата економија во е-трговија или на пример преку нарачки на социјални медиуми од нерегистрирани субјекти, е практично пандан на онаа која ја знаеме во традиционалниот свет, само префрлена во онлајн просторот. Новите технологии нудат нови можности и отвораат нови начини како за регистрираните и легални бизниси така и за нерегистрираните. Така сега е уште полесно онлајн, преку социјалните медиуми да се стигне до голем број на потенцијални купувачи. Купувачите треба да створат нови вештини за препознавање на нерегистрираните субјекти, да ги користат алатките кои ги нуди АЕТМ, и секако да не веруваат на т.н “предобри зделки”. Во главно на штета на целокупниот развој на е-трговијата е ако измамен купувач од ваков тип на нарачка со која бил доведен во заблуда или измамен, го препише целото искуство како непријатно искуство од “онлајн нарачување”. За продавачите од друга страна кои учествуваат како нерегистирани субјекти мотивот е да се избегнат даноци, давачки и административни процедури.

Ние постојано работиме и се трудиме да влијаеме, но се работи за комплексен феномен за кој е потребна и соработка од институциите. Тие треба да одиграат значајна улога, како со измени во регулативите каде што е потребно, така и со следење, примена и адекватна имплементација. Има бројни успешни практики од развиените земји и регионот кој може да се применат и кај нас со цел од една страна да се заштитат потрошувачите и од друга страна да се мотивираат и да им се помогне на што повеќе нерегистрирани субјекти да се регистрираат и да влезат во системот.

Како купувачите да препознаат кои е- трговци се регистрирани? Колку е -трговци се досега регистирани а колкумина го имаат беџот за верификуван трговец?

-Благодарение на нашите иницијативи, на купувачите им се достапни две алатки каде може да проверат и да се информираат. Една од нив е единствениот регистар на е-трговци кој е креиран и се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции, а ги содржи сите регистрирани е-продажни места кои прифаќаат и плаќање со картичка онлјан, претставени на категоризиран начин.  Регистарот содржи над 1000 е-трговци. Друга алатка е беџот за верификуван е-трговец кој на потрошувачите им дава сигнал дека се работи за регистриран и проверен е-трговец. Беџот го имаат над 70 е-трговци кои аплицирале за истиот и ги исполниле поставените критериуми за стекнување со истиот. Купувачите може да го пронајдат на самите веб страни на е-продавниците кои го имаат поставено најчесто во футерот односно најдолу на веб страната.

Како поранешен министер за финансии, сосема е легитимно и прашањето околу можноста напорите за борба против сивата економија  да се пренесат и во македонската економија. Кои се според Вас најсоодветните опции , прилагодени на нашите состојби? 

-Додека бев во Министерството за финансии изработивме Акциски план за борба против сивата економија, кој содржеше бројни мерки организирани во неколку приоритети. Еден од тие приоритети беше и сивата економија во е-трговија, а за имплементација на мерките како надлежни беа бројни институции меѓу кои Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат, МВР, Министерство за економија, Агенција за пошти итн, како и Асоцијацијата за е-трговија и други невладини организации. Акцискиот план беше работен во консултативен процес со вклученост на сите засегнати страни, a од денешен аспект оние мерки кои беа во надлежност на Асоцијацијата за е-трговија ги реализираше, со поддршка на проекти поддржани од интернационалните развојни организации како УСАИД, ГИЗ. Неформалната економија во земјава е проценета на околу 30%, а како што споменав адресирањето и намалувањето е исклучително важно, но во исто време и исклучително комплексно. Така за реализација на голем дел од мерките е потребен холистичен пристап, акција од повеќе институции, добра координација и организација и секако волја. Прогресот оди бавно и потребно е значително забрзување на темпото и капацитетите.

Министерството за финансии минатата година објави “Стратегијата за формализација на неформалната економија 2023-2027 година”, која вклучува Акциски план со бројни мерки меѓу кои и мерки поврзани за е-трговија. Во фокус е јакнење на ефикасноста на јавните институции, мерки за детектирање и следење, дигитализација на процеси, измени во регулаторната рамка и сл, како и јакнење на свеста и даночниот морал.

За тоа кои се најдобри решенија/мерки прилагодени за нашата состојба – тоа се мерките кои ќе се реализираат и ќе дадат резултати. Како што се вели, идеја без реализација е ништо, така и тука, може да ги мапираме најдобрите практики да направиме добар план, меѓутоа без реализација останува само ‘идеја на хартија’. Како што расте е-трговијата и добива се поголемо внимание, се надевам дека ќе расте и фокусот и капацитетите кои ќе се посветат на совладување на предизвиците, имплементирање на промени и креирање на поповолна клима за раст и развој на секторот.

К.В.С.

Слични содржини