Агенцијата Франс прес (AFP) во средата објави дека поднела тужба во Париз против платформата Х на Елон Маск, порано позната како Твитер, обвинувајќи ја дека одбива да разговара за потенцијална исплата за дистрибуција на содржината на новинската агенција.
Во 2019 година, Франција усвои регулатива за „сродни права“ што ги принудува големите интернет платформи да влезат во преговори со издавачите кои бараат надомест за вести.
„Агенцијата Франс прес ја изрази својата загриженост поради јасното одбивање на Твитер (неодамна преименуван во Х) да влезе во дискусија во врска со спроведувањето на сродните права…“, се вели во соопштението на новинската агенција.
Маск го критикуваше потегот на AFP со објава на X.
„Ова е бизарно. Тие сакаат да им платиме за промет на нивните сајтови каде што тие заработуваат приходи од реклами, а ние не!?“, порача тој.
Во 2021 година, француската антимонополска управа го казни Google со 500 милиони евра поради непочитување на горенаведените правила.
Оттогаш Google вети дека ќе го реши спорот и најави договори со АФП и неколку други водечки француски медиуми. Фејсбук, исто така, потпиша договори со некои француски издавачи.