АФП: ​​Состанокот меѓу Бајден и Си во Калифорнија не реши ниту еден суштински спор

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг на нивната средба во Калифорнија повторно го покренаа дијалогот кој беше закочен во изминатата година, но ги искажаа и нивните разлики, посебно за Тајван.

Американскиот претседател на прес-конференцијата, на која требаше да ги претстави резултатите од самитот, рече дека се уште го смета својот кинески колега за „диктатор“.

„Тој е диктатор во смисла дека е човек кој раководи со земја, комунистичка земја заснована на форма на владеење која е сосема поинаква од нашата“, рече Бајден, користејќи го терминот кој претходно го налути Пекинг.

Средбата сепак ќе доведе до обновување на воените комуникации на високо ниво, суспендирани повеќе од една година, најавија и кинеската и американската страна.

Четиричасовната средба во резиденцијата на околу четириесет километри од Сан Франциско беше „конструктивна и продуктивна“, рече Бајден.

Тој и Си, како што наведе, можат да разговараат на телефон „директно и веднаш“ во случај на криза.

Според „Франс прес“ (АФП), состанокот очигледно не решил ниту еден суштински спор.

Си се согласил да преземе „голем број значајни мерки“ за намалување на залихите на состојки со фентанил, соопшти американската страна.

Оваа најава доаѓа во добар момент за Бајден, кој води кампања за втор мандат и беше обвинет од републиканските противници дека не прави доволно против трговијата со дрога.

Вашингтон и Пекинг, исто така, одлучија да мобилизираат група експерти за да разговараат за ризиците поврзани со вештачката интелигенција.

Во врска со статусот на Тајван, на кој наскоро ќе се одржат претседателски избори, Бајден побара од Си „да го почитува изборниот процес“ и го повтори ставот на САД дека нема поддршка за независност, а истовремено отфрла преземање на власт со сила.

Кинескиот претседател апелираше до Бајден САД „да престанат да го вооружуваат Тајван“, бидејќи повторното обединување, според него, е „неизбежно“, според кинески дипломатски извори.

Самитот, детално планиран, по неколкунеделни преговори, се одржа на имотот во Калифорнија каде во 1980-тите се снимаше сапуницата „Династија“.

На почетокот на средбата американскиот претседател апелираше дека ривалството меѓу двете земји треба да се менаџира на „одговорен“ начин, за „да не прерасне во конфликт“.

Си Џинпинг оцени, според англискиот превод на неговата изјава, дека Кина и САД не можат да „свртат грб“ една на друга.

„Планетата е доволно голема за нашите две земји да напредуваат“, рече Си, кој исто така му рекол на Бајден дека американските економски санкции им штетат на „легитимните интереси на Кина“, пренесуваат кинеските државни медиуми.

Си и Бајден се состанаа на маргините на конференцијата за азиско-пацифичка економска соработка во Калифорнија, а последен пат разговараа во ноември 2022 година за време на самитот на Г20 на Бали.

Слични содржини