АФЖ Левица бара јавно извинување: „Орце ги навреди самохраните мајки“

-Каков градоначалник може да биде човек кој ги понижува најсилните меѓу нас, а тоа се жените кои сами се грижат за своите деца, а животот и теретот на целото семејство го носат на сопствените плеќи, прашуваат жените од Левица

од Nikola Popovski
51 прегледи

Антифашистичкиот фронт на жени при Левица соопшти дека јавноста синоќа беше сведок на, како што велат, навредлив однос кон самохраните мајки и нивните деца од страна на Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Според АФЖ Левица, „Орце ги омаловажи жените кои секој ден се борат сами, без ничија помош, за да им обезбедат достоинствен живот на своите деца“.

-Навредите на Орце се насочени кон секоја мајка што со ноќи не спие за своето дете и кон секоја жена што се жртвува за да го одгледа своето семејство со чесност и пот.

АФЖ Левица ги осудува изјавите на Орце и бара јавно извинување од него! Извинување до сите самохрани мајки, извинување до сите самохрани родители, извинување до нивните деца, велат жените од Левица и прашуваат:

-Каков градоначалник може да биде човек кој ги понижува најсилните меѓу нас, а тоа се жените кои сами се грижат за своите деца, а животот и теретот на целото семејство го носат на сопствените плеќи? Кој би сакал таков човек како Орце да му биде градоначалник?

Според жените од Левица, самохраните мајки се вистински борци во нашето општество, оставени сами на себе да се справуваат со егзистенцијалните проблеми, а покрај тоа – и нивните деца се приморани од мали да се борат и да работат за да си обезбедат основни услови за живот.