Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер упати честитки по повод формирањето на 20-тата македонска влада од осамостојувањето на државата.
-Честитки за формирањето на новата влада. Додека премиерот и неговиот кабинет ја преземаат функцијата, со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашето партнерство во зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот развој, социјалните структури и придвижувањето на земјата напред на нејзиниот евроатлантски пат, стои во честитката на Агелер објавена на социјалните мрежи.
Congratulations to the new government on its formation. As the Prime Minister and his cabinet take office, we look forward to continuing our partnership in strengthening rule of law, improving economic, energy, and infrastructure development, social structures, and moving the…
— Ambassador Angela Aggeler (@USAmbNMacedonia) June 24, 2024
Македонија има нова влада, а Христијан Мицкоски е новиот македонски премиер, откако во Владата, техничкиот премиер Талат Џафери му ја предаде премиерската функција.
Македонското собрание со 77 гласа „за“ и 22 „против“ вчера ја избра новата, дваесетта по ред влада, по победата на ВМРО–ДПМНЕ на последните парламентарни избори.
Пред неколку дена, гостувајќи во дебатна емисија, Агелер изјави дека е воодушевена од најавата на Мицкоски дека ќе се заколне со уставното име на државата, што тоа и го стори премиерот на синоќешната собраниска седница.
Од повисоките странски функционери, досега само еврокомесарот Оливер Вархеји испрати честитки до новата Влада и новоизбраниот премиер.