На вчерашното сослушување во Сенатската комисија за надворешни работи, Анџела Прајс Агелер, номинирана од претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во земјава, рече дека ќе работи со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогне на С. Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери.
-Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Ако бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергетска диверзификација и безбедност, како и на градење отпор на штетни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер.
Борбата против корупцијата, владеењето на правото се приоритет број еден на нашата држава, уште повеќе во пресрет на скенирањето на преговорите што треба да ги започнеме во иднина со Европската Унија. За мене и за Владата на Република Северна Македонија од големо значење е ваквата порака на новата амбасадорка, а и ангажманот на досегашната амбасадорка на САД во нашата држава, изјави денеска вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во одговор на новинарско прашање да ја искоментира изјавата на новата номинирана амбасадорка на САД во земјава Анџела Прајс Агелер, дека ќе помага во борбата против корумпираните актери.
Грковска информира дека како една од активностите на нејзиниот Кабинет е инсистирање и давање обврска на институциите да подготват план за ризици во нивните институции за корупција и врз основа на плановите што ќе ги добиеме ќе направиме заеднички акциски план.