Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер денеска беше во посета на Тетово каде присуствуваше на предавање на Универзитетот на Југоисточна Европа. Таа рекла дека САД сакаат да ја видат Македонија како членка на ЕУ.
„Ние не сме дел од ЕУ и не сме дел од преговорите и тие дискусии. Но, ќе го кажам тоа што го кажавме претходно, многу сакаме да ја видиме С.Македонија во Европската Унија и се надеваме дека преговорите ќе бидат успешни и плодни бидејќи сигурната и просперитетна иднина за оваа земја е во ЕУ. Државата се наоѓа во срцето на Европа и ние сме посветени на тоа. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа“, кажала Агелер запрашана дали САД ќе помогнат за прашањето помеѓу Македонија и Бугарија.
На прашањето за истрагите за лицата кои се на американската црна листа, како на пример екс-вицепремиерот Артан Груби, Агелер не сакала да коментира, велејќи дека таа не е дел од внатрешните истражни процеси на земјава.