Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска информира дека не може да даде точен временски рок кога ќе бидат објавени новите имиња од Македонија на ажурираната црна листа на САД со санкции за корумпирани личности.
-Тоа што го реков пред некој ден, стојам за тоа и е вистина. Сепак информациите треба да дојдат од Вашингтон и јас не можам да ви дадам временски рокови или број на тоа колку лица ќе бидат откриени. Постојат повеќе листи согласно кои различни лица можеби се истражуваат во различни контексти на корупцијата. Сите тие лица се истражуваат за да може да се донесат соодветни санкции, одговори Агелер на новинарско прашање при посетата на полигонот Криволак.
Глобалниот координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент, Ричард Нефју денеска беше во посета на Македонија и оствари средба со претседателот Стево Пендаровски. На средбата се разговараше за актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси, а амбасадорката Агелер на прашањето како ја коментира оваа средба, рече дека Нефју не донел нови имиња кои би се нашле на црната листа.