Агелер одговори зошто на Лимани му била одбиена американската виза

од Nikola Popovski
288 прегледи

Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, запрашана зошто му била одбиена визата на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, рече дека не може да каже поради строгите закони за приватност, но нагласи дека министерот може да одговори, бидејќи Амбасадата го информира секој барател за виза за секоја одлука.

„Значи, имаме строги закони за приватност во Соединетите Американски Држави, така што не можам да разговарам за никакви визни прашања, за кој било поединец. Би ве упатила кај министерот за да поразговарате за тоа што се случило, но едноставно ќе ви кажам дека со секој апликант за американска виза, процесот му се објаснува на поединецот и ако има нешто дополнително, тоа е исто така објаснето“, рече меѓу другото американската амбасадорка.

Како што објави пред два дена Лимани, пречката за „слободното движење“, како што вели, произлегува од фактот дека „жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријателите) во неговата татковина, користејќи начини и средства забранети според меѓународното право“.

-Ова нека служи како потсетник дека идните генерации мора внимателно да избираат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување, кажете му на Ахмети да одбере една телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани…Движењето и “борбата” за права на мојот народ ме “осудува”, а вас криминалот и кражбите на вашиот народ, порача Лимани преку социјалните мрежи.

По тој повод, министерот морал да ја откаже официјалната посета на ОН во Њујорк.

Партијата Алијанса за Албанците побара реакција од Владата и разрешување или итна оставка на Лимани.

Слични содржини