Агелер побара од Митрески институциите да бидат ефикасни

од Nikola Popovski
276 прегледи

Претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска оствари средба со американската амбасадорка во земјава, Ангела Прајс Агелер, со која разговараа за приоритетните активности во законодавниот дом во наредниот период.

Агелер му честиташе на претседателот Митрески за изборот на новата позиција и му посака успешно извршување на функцијата. Таа нагласи дека Република Северна Македонија во САД секогаш ќе има пријател и голем поддржувач, соопштуваат од Собранието.

Митрески се заблагодари за континуираната поддршка што САД и ја дава на нашата земја како во однос на реформските процеси, така и во однос на нашиот евроинтеграциски пат кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласи дека македонските граѓани особено го ценат стратешкото партнерство со САД, кое претставува столб за силната билатерална соработка меѓу двете држави.

Двајцата соговорници се осврнаа на приоритетите на Собранието во периодот што следува, односно до почетокот на изборната кампања, но и ја нагласија потребата од парламентарен дијалог меѓу пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата, што е клучно за ефикасна работа на Собранието.

Претседателот Митрески истакнал дека во наредниот период Собранието ќе работи интензивно, негова обврска е да ги процесуира предлозите што доаѓаат до Собранието, независно дали како предлагач е Владата или група пратеници.

Тој нагласи дека за прв пат после 16 години се одржуваат редовни парламентарни избори, што значи дека Собранието ќе работи до почетокот на изборната кампања за претседателските избори, односно до почетокот на април. Тоа остава доволно простор да заврши постапката за повеќе важни законски решенија.

Амбасадорката Агелер нагласи дека независно што во овој предизборен период функционира техничка Влада, во интерес на граѓаните е институциите да бидат ефикасни. Таа додаде дека следува исклучително важен период за нашата држава, поради што е многу важно процесите да се одвиваат во согласност со предвидената динамика и постапка- стои во соопштението.

Слични содржини