Агенциите на ОН се револтирани од нападот врз болниците во Газа: Каде да одат овие деца и семејства?

од Radmila Tasevska
173 прегледи

Претставници на Обединетите нации денеска изразија гнев и неверување за состојбата на болниците во Газа, каде што на ранетите им недостасуваат основни лекови, а деца со ампутирани екстремитети умираат додека закрепнуваат.

– Огорчен сум што децата кои се опоравуваат од ампутации во болница умираат во истите тие болници, изјави Џејмс Елдер, портпарол на Детскиот фонд на ОН.

Болницата Насер, најголемата болница во палестинската енклава која сè уште е во функција, беше бомбардирана двапати во изминатите 48 часа, додаде Елдер.

Една од жртвите на овие последни напади е тринаесетгодишното девојче Дина, кое го преживеа нападот на нејзиниот дом во кој беше убиено нејзиното семејство.

– Каде треба да одат овие деца и семејства? Тие не се безбедни во болниците, ниту во засолништата, па тие не се безбедни ниту во таканаречените безбедни зони, потенцира Елдер.

– Конечно, бесен сум затоа што лицемерието уништува секаква емпатија, рече тој, додавајќи дека „е бесен и на себе затоа што не може да направи ништо повеќе“.

Маргарет Харис, портпаролка на Светската здравствена организација, ја опиша ситуацијата во болниците во Газа како „апсолутно неверојатна“ и „неразбирлива“.

„Тие ги немаат најосновните работи. Еден од моите колеги опиша луѓе кои лежат на подот, се грчат од болка, во агонија, но не бараат нешто да им ја олесни болката. Не, тие плачеле за вода“, рече таа.

„Невозможно е да се поверува дека светот дозволува вакво нешто да продолжи да се случува“, истакна Харис.

Претходно денеска, во израелските напади загинаа најмалку 28 лица во јужниот дел на Појасот Газа, а израелските војници упаднаа во една од последните функционални болници во северниот дел на енклавата, во време на тековната офанзива против палестинската исламистичка група Хамас.

Израелските сили упаднаа во болницата Ал Ахли во градот Газа во текот на ноќта, уривајќи го ѕидот на влезот и приведоа голем број вработени, се вели во соопштението на црквата што ја води болницата.

Слични содржини