Директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски денеска ги демантира вчерашните наводите на „Транспаренси Интернешнл“. Според него, „ниту едно од споменатите имиња на вчерашната прес-конференција немаат никаков конфликт на интереси, ниту пак имало намера да имаат конфликт на интереси“, како што изјави претседателката на Транспаренси, Слаѓана Тасева.
-Ана Опачиќ е доктор по режија и сценарио и професор. Лицето по фаза на евалуација има поднесено барање за учество во еден проект, во кој самиот продуцент не би можел да знае дека лицето ќе биде побарано од наша страна за да учествува во процесот на евалуација. Од моментот кога Ана Опачиќ склучува договор со Агенцијата за филм за евалуација на проектите, продуцентот поднесува барање за повлекување на самиот проект во фаза на одлучување. Истата документација е предадена на Транспаренски интернешнл, рече меѓу другото Лазаревски за лицата кои вчера беа соопштени од Тасева.
Тој информира во 2020 година од страна на Министерството за култура нема констатирано конфликт на интереси.
-Не би знаел кој е мотивот на госпоѓата Тасева за искривување на вистината за едно исто лице кое постојано пријавува кај нејзе одредени неправилности во конкурсот на Агенцијата за филм, додаде Лазаревски.
Транспаренси Интернешнл Македонија вчера објави дека констатирале постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година.
Износот на тие средства распределени за таа година изнесува преку 4 милиони и 200 илјади евра.
-Укажувањата за постоење судир на интереси се потврдија. Законот за филм изрично забранува проекти да поднесат лица коишто учествуваат во органите за избор или кои работат во Агенцијата. Ние утврдивме ситуација во која проекти поднеле две лица кои учествуваат во органите за одлучување, односно се рецензенти. Тие проекти биле повлечени дури откако Транспаренси Интернешнл започна постапка на мониторинг и анализа, информира Тасева на вчерашната прес-конференција.