Агентот на Ромелу Лукаку увери дека тој не преговара со други клубови и се уште чека да се сретне со новите сопственици на Челси за да разговара со нив прво за иднината на Белгиецот.
Лукаку постигна два гола на натпреварот против Вулверхемптон, а потоа погоди и против Лидс. Така, тој стана водечки стрелец на клубот оваа сезона со 15 гола на 42 натпревари во сите натпреварувања.
Федерико Пасторело, кој е агент на Лукаку, истакна дека на овој факт треба да му се даде поголема тежина, признавајќи дека во клубот има проблем околу најскапата аквизиција на Челси.
„Јас не сум човек кој треба да зборува за спортски и технички решенија, но дефинитивно има проблем. Сепак, бројките мора соодветно да се проценат. Ромелу е најдобар стрелец на тимот оваа сезона, иако имаше најмалку минутажа на теренот во споредба со соиграчите. Ситуацијата мора внимателно да се процени. Тимот мора да го обезбеди местото во Лигата на шампионите, а има финале за ФА Купот. Ромелу е целосно фокусиран на тоа, па не сме разговарале за ништо друго. Нема смисла да се шпекулира за какви било преговори. Челси штотуку објави кој ќе биде новиот сопственик. Сè уште не ги знаеме, а камоли да замислиме некакви разговори со Интер, Милан или кој било друг клуб. Мора да бидеме трпеливи и да чекаме“, изјави Пасторело.