Агентот на Нејмар ги отфрли шпекулациите за враќање во Сантош

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Пини Захави, агентот на Нејмар, ги отфрли медиумските шпекулации дека неговиот клиент ќе се врати во бразилскиот фудбал.

Бројни медиуми објавија дека Нејмар преговара со саудискиот клуб за раскин на договорот за да се врати во Сантош, но Захави изјави дека 32-годишниот бразилски фудбалер е среќен во Ал-Хилал и дека нема преговори за раскинување на соработка.

Сепак, бразилскиот новинар специјализиран за трансфери Цезар Луис Мерло на мрежата Х изјавил дека договорот меѓу Нејмар и Сантош е блиску, објави денеска веб-страницата Gol.

Исто така, beIN Sports објави дека постои можност Нејмар да се врати во Сантош, кој оваа сезона ја освои Серија „Б“ и заработи враќање во најелитното натпреварување во Бразил.

Нејмар кариерата ја започна во Сантош, за кој од 2009 до 2013 година одигра 225 натпревари, постигна 136 гола и имаше 64 асистенции. Тој го предводеше тимот до трофејот во Купот на Бразил во 2010 година, Купот Либертадорес во 2011 година и една година подоцна до Копа Судамерикана.

Најдобрата сезона ја имаше во 2011/2012 година, во која постигна 44 гола и имаше 17 асистенции на 49 натпревари.

Тој играше многу успешно за Барселона, од каде во 2017 година се пресели во Пари Сен Жермен за рекордни 222 милиони евра. Тој го напушти парискиот клуб во 2023 година и се пресели во Ал-Хилал.

На 21 октомври Нејмар се врати на теренот по едногодишна пауза поради повреда на лигаментите и менискусот, но повторно е надвор од терените до шест недели поради повреда на тетивата.

Во Бразил се шпекулираше дека Нејмар би можел да потпише за Палмеирас, но претседателката на клубот Лејла Переира ја отфрли таа можност.

„Сакам да инвестирам во некој кој може да игра веднаш, кој може да игра утре ако одлучи тренерот. Палмеирас не е медицински оддел. Нема да прифатам да потпишам договор со играч кој не може веднаш да игра“, изјави неодамна Переира.

Договорот на Нејмар со Ал-Хилал истекува следниот јуни.

Слични содржини