Агенцијата за разузнавање апелира пратениците пред распуштањето на Парламентот да го донесат новиот закон за разузнавање, кој е во собраниска процедура, бидејќи како што посочуваат оттаму, тој треба да се донесе пред заокружување на процесот за полноправно членство на државата во НАТО.
-Новиот закон, кој првпат после 25 години е во собраниска процедура, е резултат на повеќемесечна работа на тим од Агенцијата, во консултација со академската заедница, Министерството за правда, партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ и специјализираните тела од Алијансата. Потребата од донесување на новиот закон се наметна поради новонастанатите промени во безбедносното опкружување на државата, во регионални и глобални рамки, што бара итно, ефикасно и навремено реагирање на терен. Со новиот закон, Агенцијата се дефинира како служба надлежна за надворешно разузнавање, која собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и сознанија за асиметрични, хибридни и сајбер закани од странство, велат од Агенцијата за разузнавање.
Со тоа, додаваат, се прави јасна дистинкција меѓу надлежностите на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, што досега не беше прецизирано.
-Новиот закон за АР ги заокружува реформите во безбедносниот систем на државата што официјално започнаа со донесувањето на Законот за оперативно-техничката агенција (ОТА), во април 2018 година, Законот за Агенција за национална безбедност (АНБ), во мај 2019 година и Законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, во мај 2019 година, се вели во соопштението од Агенцијата.
Законот, според Агенцијата за разузнавање, ги подобрува и зајакнува професионалните стандарди: ја департизира Агенцијата, го подобрува менаџирањето во Агенцијата, меѓу другото се воведува место заменик-директор, го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите и употребата и контролата на методите и средствата на работа и овозможува подобра заштита на класифицираните информациите кои што ги создава Агенцијата и кои што ги прима од партнерските служби, а наскоро и од НАТО како нејзина земја-членка.
-Покрај тоа, содржи и важен социјален аспект за вработените: ги уредува правата и обврските на вработените, односно ги изедначува со колегите од соодветните безбедносни служби, по однос на условите за пензионирање и платите, согласно специфичноста на разузнавачката работа. Тоа истовремено ќе овозможи ново кадровско екипирање и зајакнување со нов потребен профил на млади образовани кадри кои треба да ја градат својата кариера и иднина во нашата држава, се додава во соопштението.
Особено важно, според Агенцијата, е што во новиот закон за АР се имплементирани забелешките и препораките на НАТО, како и партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ. Тој, велат, го дефинира местото и улогата на Агенцијата и овозможува нејзина соодветна регионална и меѓународна позиционираност, со што ќе ја подобри нејзината интероперабилност и ќе ја направи рамноправен партнер на службите – членки на НАТО и ЕУ.