Серхио Агуеро е уверен дека Лионел Меси ќе има голем успех во Пари Сен Жермен. Освојувачот на седум „Златни топки“ постигна 11 гола во својата прва сезона во Париз и не играше на своето вообичаено многу високо ниво. Според неговиот поранешен соиграч во репрезентацијата на Аргентина, Меси ќе блесне посилно во втората година во клубот.
„Тоа беше неговата прва година, тој мора да се прилагоди на поинаков шампионат. Сепак, тој се претстави многу добро. Оставајќи ја Лигата на шампионите на страна, тие без проблем ја освоија шампионската титула. ПСЖ е полн со врвни играчи, а Лео е победник. Сигурен сум дека неговата втора сезона ќе биде уште подобра“, сподели Агуеро.
Напаѓачот го прокоментира и трансферот на Ерлинг Халанд во Манчестер Сити.
„Мислам дека тоа е голема предност. Тој ќе придонесе со голови. Се надевам дека ќе постигне многу голови. Ќе му треба малку време да се прилагоди во Премиер лигата, но сигурен сум дека ќе се снајде добро. Мислам дека Сити се развиваше, стекна искуство во Европа во последните неколку години. Порано или подоцна, тимот ќе ја освои Лигата на шампионите“, додаде рекордерот по голови за „граѓаните“.