Ахмети бара од Курти да разговара со Мицкоски за проблемите на Албанците во Македонија

од Nikola Popovski
107 прегледи

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети смета дека Владата на Косово не треба да молчи за загриженоста на Албанците во Македонија. Во пресрет на средбата на двете влади, што ќе се одржи денеска во Приштина, Ахмети ги повикува косовските власти да разговараат со премиерот Христијан Мицкоски за проблемите на Албанците во земјава.

Првиот човек на ДУИ изрази загриженост за непочитување на Охридскиот договор, по иницијативите за укинување на Законот за употреба на јазиците.

„Испратив повик, апел до Владата на Косово да ја пренесе загриженоста на Албанците од Македонија до премиерот на Северна Македонија и упатив апел до сите политички партии во Косово да ја разгледаат загриженоста на Албанците од Македонија Северна Македонија, за обидите за промена на законот за јазиците, промена на договорот, суштината на Охридскиот мировен договор и се надевам дека овој апел ќе стигне до ушите на државните институции, но и до лидерите на политичките партии на Косово. Да не бидеме рамнодушни, бидејќи нашите историски заложби беа заеднички, во однос на обезбедувањето на слободата, изградбата на државата Косово и во однос на политичко-правниот статус на Албанците во Република Македонија“, нагласил тој во интервју за „Косова прес“.

Според него, политичките случувања во Македонија не ветуваат никаква стабилна перспектива, бидејќи, како што вели, имало иницијативи за промена на Законот за албанскиот јазик, со што оваа иницијатива потсетува на 1989 година кога поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ ја потиснал автономијата на Косово, што вели дека не е добро за македонската и албанската заедница.

„Бидејќи суштината, сржта на Охридскиот мировен договор е засегната од измените за кои се тврди дека се прават на законот и употребата на албанскиот јазик во Република Северна Македонија, етничката припадност е отстранета, што исто така е дел од суштината на Охридскиот мировен договор“, рекол Ахмети.

Во Приштина заедничка седница на владите на Македонија и на Косово. Претходно премиерите Мицкоски и Курти ќе одржат тет-а-тет средба, по која министрите ќе дискутираат за нови проекти и ќе потпишат билатерални договори и меморандуми за соработка.

Овие документи ќе создадат основа за нови иницијативи, проекти и активности кои ќе ги зајакнат односите меѓу двете земји, велат од македонската влада. Во интервју за косовската телевизија, вицепремиерот Изет Меџити обелодени дека ќе се разговара за регулацијата на граничниот систем на Блаце и Јажинце, идентичен со системот што го имаат Косово и Албанија, за соработката во областа на енергетиката, како и проектот за патот Тетово-Призрен.

Првата седница меѓу двете влади се одржа пред три години во Скопје.

Слични содржини